Техеран не попушта: Ормутскиот теснец останува затворен

Од:

Иран го соопшти својот конечен предлог до Оман за повторно отворање на Ормутскиот теснец, според кој едниот пловен правец треба целосно да остане под иранска контрола, додека дел од другата рута исто така би бил под контрола на Техеран. Ова го изјави заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, пренесува Анадолија.

Ормутскиот теснец е од клучно значење за глобалното снабдување со енергија, а неговото затворање претставува еден од главните извори на тензии во актуелната криза меѓу Иран и САД.

Гарибабади за иранската државна телевизија изјави дека Оман предложил привремена бродска рута што би ги заменила сегашните северна и јужна рута низ теснецот.

Според предлогот, контролата врз рутата би била поделена подеднакво – 50 проценти за Иран и 50 проценти за Оман. Техеран, сепак, го отфрли овој предлог.

„Нашиот предлог е едниот пловен правец низ теснецот целосно да биде под иранска контрола, а дел од другата рута исто така да биде под иранска контрола. Ова е нашиот конечен став и Иран нема да прифати никаква друга формула“, рече Гарибабади.

Тој предупреди дека Ормутскиот теснец ќе остане затворен доколку Оман не го прифати иранскиот предлог.

Гарибабади нагласи и дека Техеран е подготвен за можноста од обновување на конфликтот. Според Ројтерс, Иран својот предлог го претставил како привремен аранжман за повторно отворање на теснецот, при што едниот правец на пловидба би минувал низ иранските води, а дел од спротивниот правец исто така би бил во иранските територијални води.

Иран смета дека предлогот на Оман за рамноправна поделба на рутите не ги решава неговите безбедносни грижи сè додека не се обезбеди долгорочна регионална стабилност.

Ормутскиот теснец е една од најважните светски поморски рути. Низ него поминува значителен дел од светската трговија со нафта, па секоја закана за негово затворање или ограничување на пловидбата веднаш предизвикува стравувања од нарушувања во снабдувањето и раст на цените на енергенсите.

Разговорите меѓу Иран и Оман се одвиваат во време кога посредниците се обидуваат да го намалат застојот во односите меѓу САД и Иран и да создадат услови за продолжување на пошироките преговори. „Волстрит журнал“ објави дека Оман се обидува да обезбеди безбеден премин за комерцијалните бродови низ Ормутскиот теснец со цел повторно да се активираат мировните разговори врз основа на рамковниот договор меѓу Вашингтон и Техеран од јуни.

САД инсистираат на слободна пловидба низ Ормутскиот теснец, додека Иран сака да ја задржи контролата врз условите за премин и транзит.

Преговорите се водат и во контекст на американската поморска блокада на Иран и неодамнешното запирање на американските воздушни напади. Американскиот претседател Доналд Трамп остави простор за дипломатија, но предупреди дека нападите би можеле да продолжат доколку преговорите пропаднат. Оман го информира Вашингтон за текот на разговорите, иако САД формално не се директен учесник во преговорите.

Би можело да ве интересира

Половина од Американците го поддржуваат апсењето на Нетанјаху

Цените на нафтата паднаа на најниско ниво

Иран погуби две лица осудени за убиство на четворица полицајци

Трамп: Разговорите со Иран се добри, постои шанса за договор

Заканувачка порака до Меланија и Барон Трамп во видео што се поврзува со ирански медиум

Трамп ги негира извештаите за недостиг на муниција: Имаме повеќе од кој било друг во светот