Епидемиологот Драган Даниловски предупредува дека осумте досега регистрирани случаи на Западнонилска треска во Македонија не треба да се толкуваат како доказ дека вирусот предизвикува тешка болест кај сите заразени.
Тој објаснува дека сите регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, со зафаќање на централниот нервен систем, но посочува дека оваа бројка не ја покажува вистинската слика за ширењето на инфекцијата.
„Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори“, наведува Даниловски.
Според него, кај околу 80 проценти од инфицираните со вирусот на Западен Нил воопшто не се појавуваат симптоми, додека кај околу 20 проценти се развива полесна фебрилна болест. Тешката невроинвазивна форма се јавува кај помалку од еден процент од заразените, а ризикот е поголем кај постари лица, хронично болни и лица со ослабен имунитет.
Даниловски посочува дека токму најтешките случаи најчесто завршуваат во болница, се лабораториски потврдени и влегуваат во официјалната статистика, додека асимптоматските и полесните инфекции најчесто остануваат непрепознаени.
„Осумте регистрирани тешки случаи се само видливиот врв на епидемиолошката ‘санта мраз’. Под површината останува непознат број асимптоматски инфекции, лесни или неспецифични форми што не биле препознаени како Западнонилска треска, како и случаи кај лица кои воопшто не побарале лекарска помош“, пишува тој.
Тој предупредува дека без вакво објаснување, информацијата дека сите регистрирани случаи биле тешки може погрешно да се протолкува како вирусот да станал поагресивен, што, како што нагласува, не е точно.
Како особено важен епидемиолошки податок, Даниловски го издвојува фактот дека најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони, што, според него, потврдува дека вирусот ова лето локално циркулира во природниот циклус меѓу птиците и комарците и дека населението е изложено на ризик.
Тој смета дека во оваа фаза најважни се засилен епидемиолошки и ентомолошки надзор, следење на активноста на вирусот, систематска контрола на комарците и лична заштита од нивните убоди.
„Во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо. Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа“, заклучува Даниловски.
