Главниот инженер на нуклеарната централа „Запорожје“, која е под руска контрола, загина во напад со украинско беспилотно летало, соопшти директорот на руската државна компанија „Росатом“ – Алексеј Лихачов.
Според него, украинско беспилотно летало погоди службено возило на патот меѓу централата и градот Енергодар. Во нападот загинаа главниот инженер Александар Јаковлев и возачот, пренесува Ројтерс.
Руските сили ја зазедоа нуклеарната централа „Запорожје“ во првите недели од инвазијата врз Украина во 2022 година, а оттогаш Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за напади што ја загрозуваат безбедноста на најголемата нуклеарна централа во Европа.
Енергодар, каде што живеат повеќето вработени во централата, често е цел на напади.
Лихачов оцени дека отсуството на реакција од западните земји на нападите во областа на централата „ја поттикнува ескалацијата на терористичките дејствија од страна на украинската влада“. Тој наведе дека во последните два и пол месеци, 13 лица загинале во напади врз таа област, додека 48 биле повредени.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, го осуди инцидентот, но не ги обвини директно ниту Русија, ниту Украина.
„Ова претставува неприфатлив напад врз централата и нејзиното раководство, што сериозно ја загрозува нуклеарната безбедност“, рече Гроси.
