Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и Хрватскиот национален професионален фолклорен ансамбл „Ладо“ одржаа два целосно распродадени концерти во Битола и Скопје, потврдувајќи ја својата улога како едни од најзначајните промотори на традиционалната култура во регионот.
Публиката имаше можност да проследи богата програма со македонски и хрватски народни игри и песни, во изведба на врвни уметници, оркестри и вокални солисти.
„Танец“ уште еднаш се претстави со препознатливата енергија, техничка прецизност и автентични кореографии, додека „Ладо“ ја воодушеви публиката со раскошните народни носии од различни хрватски региони, специфичниот вокален израз и динамичните сценски настапи.
Првиот концерт беше одржан во Битола, каде што преполната сала ги награди изведувачите со долги аплаузи, а истата атмосфера се повтори и во Скопје. Публиката на крајот од концертот ги поздрави ансамблите со стоечки овации.
Од „Танец“ оценуваат дека заедничките настапи уште еднаш покажале дека фолклорот претставува мост меѓу народите и дека соработката со ансамблот „Ладо“ е изградена врз долгогодишно пријателство, меѓусебна почит и заедничка посветеност кон зачувувањето на културното наследство.
Двата концерта, според организаторите, потврдија дека традиционалната уметност и понатаму привлекува бројна публика кога се претставува на највисоко професионално ниво.
