Општинското кривично државно обвинителство во Загреб подигна обвинение против 58-годишен државјанин на Македонија, кој се товари дека лажно претставувајќи се како лекар измамил шест лица за вкупно 41.400 евра.
Според обвинението на Државното обвинителство на Република Хрватска (ДОРХ), кривичните дела биле извршени во јуни и јули 2025 година во Загреб, при што обвинетиот дејствувал заедно со засега непознати лица.
Обвинетиот, телефонски ги контактирал оштетените и лажно им се претставувал како лекар, тврдејќи дека членови на нивните семејства се тешко повредени во сообраќајни несреќи и дека се потребни пари за покривање на трошоците за лекување.
Откако оштетените ќе се согласеле да платат, обвинетиот или неговите соработници ги преземале парите. Со измамата биле оштетени шест лица, а вкупната материјална штета изнесува 41.400 евра.
Обвинението е поднесено до Општинскиот казнен суд во Загреб, а 58-годишникот се товари за три кривични дела измама според член 236 став 1 и уште три кривични дела измама според член 236 став 2 од хрватскиот Кривичен закон.
Обвинителството предложило и продолжување на мерката притвор поради опасност од бегство и можност за повторување на кривичното дело.
