На денешната седница на Уставниот суд, на која се разгледуваше Иницијативата на Левица за оценување на уставноста на членот 76-д од Изборниот законик, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, предупреди дека евентуалното отфрлање на Иницијативата би значело легализирање на нерамноправните услови за учество на изборите и опасен преседан за политичкиот плурализам. Тој кажа дека отфрлањето на Иницијативата е извесно и очигледно според интенцијата од расправата на седницата на Уставниот суд e „најголемата опасност денес е Уставниот суд да ни потврди дека може да имаме нерамноправни услови за настап на изборите. Можно е денес да го погази начелото на рамноправност на политичките субјекти и начелото на политичкиот плурализам во Република Македонија”, потенцираше Мециновиќ.
Мециновиќ истакна дека проблемот не е во финансирањето, туку во тоа што на Левица ѝ е оневозможен еднаков пристап до медиумскиот простор за време на изборната кампања.
„Левица не бара финансии. Левица бараше и бара рамноправен пристап до медиумскиот простор, до рекламирањето на телевизиите, порталите и билбордите. Тоа не е грев, туку треба да се запрашаме зошто имаме власт која пробува својот авторитаризам да го наметне како норма”, објасни пратеникот од Левица.
Според него, доколку Уставниот суд ја потврди спорната законска одредба, ќе се создаде преседан што во иднина може да биде применет против секој политички субјект кој ќе го наруши комодитетот на големите партии.
„Веќе имавме преседан на минатите избори. Ако денес го потврдиме тој преседан, тоа значи дека секоја идна партија што ќе сака да им ги помати сметките на партиите на олигархијата ќе може да добие ваков третман. Тоа не треба да им биде прифатливо ниту на медиумите, ниту на политичките чинители, ниту на граѓанскиот сектор”, алармираше пратеникот.
Во своето обраќање, Мециновиќ ги критикуваше и аргументите што беа изнесени за време на расправата во Уставниот суд:
„Слушнавме апсурдни аргументи дека постои опасност од укинување на одредбите затоа што не се знаело дали партиите ќе се договорат. Уставниот суд политичка одлука ли носи? Опасноста од политички исход не може да биде пред оценувањето на уставноста, што е главната работа на овој Суд.”, кажа Мециновиќ.
Тој нагласи дека Левица на последните избори не добила ниту денар државно финансирање за платено политичко рекламирање и дека суштината на спорот е еднаквоста во изборниот натпревар.
„Јас како кандидат добив нула денари на минатите избори. Не се работи за финансирањето, туку за тоа зошто нашата политичка платформа не смее да има исти правила како ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Зошто ние не можеме да ги претставиме своите идеи под исти услови како другите политички партии?“, праша тој.
На крајот, Мециновиќ порача дека борбата за фер избори е борба за демократијата и политичкиот плурализам во државата.
„Демократијата одново и одново се освојува. Таа не е нешто што еднаш ќе го добиеме и засекогаш ќе ни остане. Авторитарните власти, како оваа власт на ВМРО-ДПМНЕ, ќе пробуваат дел по дел да воведуваат нови правила за тие да останат во удобна положба, а идеите што им се спротивставуваат да не можат да се натпреваруваат на ист терен.“
