Ексклузивна изложба „Поздрав од Македонија – фотографии на македонски фолклорни групи на Меѓународната смотра на фолклорот Загреб“, реализирана во соработка со Меѓународната смотра на фолклорот Загреб, најпрестижната меѓународна и светски реномирана манифестација на аматерски фолклор во Хрватска, беше отворена синоќа во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб по повод 60 години од нејзиното одржување.
На отворањето присуствуваа претставници на министерства, дипломатскиот кор, локалната самоуправа, културни институции, македонски здруженија во Хрватска, бројни Македонци кои живеат и работат во Хрватска, како и љубители на фолклорната уметност.
Во музичкиот дел настапи етно-вокалната група „Езерки“ од Загреб, која повеќе од три децении ги негува и афирмира традиционалните македонски песни.
Пред присутните се обратија директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, уметничкиот директор на Меѓународната смотра на фолклорот Загреб, Твртко Зебец и авторките на изложбата, Ивона Опетческа Татарчевска и Бојана Полјаковиќ Поповиќ, кои на публиката и ја доближија идејата за оваа значајна и внимателно селектирана изложба, која покрај класично отпечатените фотографии е подготвена и делумно во дигитален формат.
Изложбата ја отвори амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски.
