Украина воведува бонуси. 2.000 евра за заробен Русин, 300 за убиство

Од:

Украинските војници ќе добиваат парични бонуси за заробување или ликвидирање на руски војници, како дел од првата фаза на сеопфатната реформа на вооружените сили, соопшти украинското Министерство за одбрана.

Мерката произлегува од одлука на Владата со која е започнат пилот-проект за воведување дополнителни исплати за постигнати борбени резултати. Од Министерството велат дека целта е да се наградат припадниците на првите борбени линии за потврдени дејствија против непријателските сили.

Колку ќе изнесуваат бонусите?

Според новите правила, за заробување на непријателски војник е предвиден бонус од околу 2.000 евра, додека за ликвидирање на непријателски војник ќе се исплаќаат околу 300 евра.

Доколку во заробувањето учествуваат повеќе војници, наградата ќе биде поделена пропорционално меѓу нив.

За исплата на бонусот за ликвидирање со огнено оружје или во блиска борба ќе биде потребен видео-доказ. Исплатите ќе се вршат по наредба на командантот на единицата и ќе се исплаќаат заедно со редовната плата.

Дел од поширока воена реформа

Оваа мерка е дел од пошироката реформа на украинската војска, која започна на 12 јуни. Целта е постепен премин кон попрофесионална армија со договори на определено време, повисоки примања, гаранции по завршувањето на службата и еднакви услови за странските доброволци.

Во првата фаза реформата е насочена кон пешадиските и борбените бригади, а новите договори предвидуваат појасни правила за местото и времетраењето на службата.

Повисоки плати и нови стимулации

Со реформата е проширен и системот на финансиски стимулации. Бонусите, кои претходно беа наменети главно за операторите на дронови, сега ќе важат и за пешадиските и јуришните единици.

Според Министерството за одбрана, месечната плата на војниците распоредени на линијата на фронтот во просек ќе изнесува околу 6.700 американски долари, а во зависност од задачите може да надмине и 10.000 долари. Дополнителни дневни надоместоци се предвидени за држење борбени позиции, операции за пребарување и уништување, како и за јуришни мисии.

Заробениците важни и за размена

Од украинските власти посочуваат дека заробените руски војници имаат значење и надвор од самото бојно поле, бидејќи служат како средство за размена на заробеници со Русија.

Во последната размена, реализирана на 26 јуни, биле ослободени 160 украински државјани кои биле во руско заробеништво од 2022 година. Со тоа, вкупниот број ослободени украински војници и цивили од почетокот на размените достигна 9.606 лица.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Човекот што ѝ ги задава најтешките удари на Русија објави видео: „Паѓаат како есенски лисја“

ВИДЕО: Украински градежен тајкун поврзан со Русија цел на напад во Монако, три лица се повредени во експлозијата

ВИДЕО: Русија повторно го нападна Киев со балистички ракети, погодена и термоелектрана на Крим

Военоспособните Украинци веќе нема да можат да влегуваат во ЕУ како бегалци

ВИДЕО: Со Фламинго, Украинците погодија клучна фабрика во Волгоград

ВИДЕО: Прогласена вонредна состојба на Крим

Катерина Ѓуровски