Судот во Киев го осуди на доживотен затвор поранешниот началник на Генералштабот на Антитерористичкиот центар при Службата за безбедност на Украина (СБУ), Дмитриј Козјура, кој бил разоткриен како соработник на Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија, соопштија денеска СБУ и Канцеларијата на главниот обвинител на Украина.
Како што се наведува во соопштението, судот – врз основа на доказите собрани од Главната управа за внатрешна безбедност и истражителите на СБУ – го осуди на доживотен затвор поранешниот висок функционер и агент на ФСБ, кој беше уапсен во февруари 2025 година во рамките на специјална операција со кодно име „Стаорец“ (Rat), пренесува „Укринформ“.
Истрагата покажа дека осудениот, по налог на ФСБ, собираше и препраќаше информации за сознанијата на Украина во врска со распоредот и движењето на руските вооружени формации.
Според СБУ, руската страна беше заинтересирана и за тајни информации за вооружувањето на украинските безбедносни и одбранбени сили, состојбата на клучната инфраструктура, последиците од нападите врз украинските градови, како и за личните податоци на највисокото воено и политичко раководство на Украина.
За време на повеќемесечното документирање на неговите активности, украинската контраразузнавачка служба го искористија Козјура во оперативна игра, пласирајќи преку него големо количество дезинформации до руските служби.
Според материјалите од истрагата, ФСБ го регрутираше во 2018 година во Виена.
По неколку години одмор, руската служба го обнови контактот со него на крајот на декември 2024 година и му додели нови задачи.
СБУ, исто така, го идентификуваше лицето кое му беше посредник во комуникацијата со руската служба, како и наводниот координатор на агентската мрежа на ФСБ, Јуриј Шаталов.
Козјура користеше таен стан во Киев, специјален мобилен телефон и Wi-Fi рутер за комуникација со руската разузнавачка служба.
За време на претресот, пронајдени се комуникациски уреди и други докази за неговата соработка со ФСБ.
Судот го прогласи за виновен за велепредавство извршено во услови на војна, како и за нелегално ракување со оружје, муниција или експлозивни материи.
Козјура беше уапсен на 12 февруари 2025 година, во операција предводена од шефот на СБУ, Васил Маљук.
СБУ соопшти дека документирала 14 случаи на негова нелегална активност.
По апсењето, тој беше приведен во притвор без можност за ослободување со кауција.
