Пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, на прес-конференција оцени дека по две години од мандатот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се реализирани ветувањата за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Според Тренчевска, наместо подобар животен стандард, граѓаните денес се соочуваат со повисоки трошоци за живот, зголемена инфлација и поголема сиромаштија.
„Нема ништо од ветувањата за повисоки плати, зголемен животен стандард и достоинствен живот за социјално ранливите категории. Единствено што забрзано расте се цените, трошоците за живот и сиромаштијата“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ во својата програма ветувало инфлација од 2,5 проценти, додека, како што наведе, денес таа изнесува 4,8 проценти.
Според неа, на едно четиричлено семејство му се потребни речиси 70.000 денари месечно за покривање на основните трошоци, што значи дека за нормален живот се потребни речиси три минимални плати.
Тренчевска обвини дека Владата не ги исполнила ниту ветувањата за намалување на сиромаштијата и за подобрување на положбата на пензионерите и социјално ранливите категории.
„Социјалната помош не се зголемува, нема зголемување на гарантираната минимална помош за 10 проценти годишно, нема зголемување на посебниот додаток за 30 проценти, ниту се зголемени надоместоците за родителите кои се грижат за деца и лица со попреченост“, рече таа.
Таа додаде дека не се реализирани ниту ветувањата за изградба на нови домови за стари лица, нови дневни центри за лица со попреченост, како и мерката за поврат на персонален данок за вработени мајки по завршување на породилното отсуство.
Од СДСМ оценуваат дека Владата нема резултати во делот на економските и социјалните политики и дека ветувањата дадени пред изборите останале неисполнети. „Резултатот на остварените ветувања на Мицкоски е нула – нула во подобрувањето на животниот стандард, нула во зголемувањето на платите и нула во напредокот на државата“, изјави Тренчевска.
