Припадници на Министерството за внатрешни работи во Врање, во соработка со Регионалниот центар за гранична полиција на Република Македонија, по наредба на Основното јавно обвинителство во Врање, го уапсија македонскиот државјанин С.К. (56), кој е осомничен за продолжено кривично дело измама.
Засега се знае дека осомничениот од 4 до 13 овој месец, преку фиксни телефони се јавил на тројца жители на Врање, претставувајќи се како лекар од Република Македонија, и им кажал дека наводно нивните блиски членови на семејството се тешко повредени, со што ги довел во заблуда, по што, како што се сомнева полицијата, отишол на адресите на оштетените и од нив зел поголема сума пари.
На осомничениот му е одредена мерка притвор до 48 часа и ќе биде приведен во надлежното обвинителство со кривична пријава.
– Ги повикуваме граѓаните да ја известат Полициската управа во Врање доколку примиле вакви телефонски повици или биле измамени на овој или сличен начин веднаш да ја алармираат полицијата, извести српското МВР.
