Вработени на Клиниката за детски болести денеска протестираа пред Министерството за финансии, револтирани што од почетокот на годината не примиле плата и што нивните договори за работа сè уште немаат продолжување. Тие побараа итно решавање на статусот на околу 50 здравствени работници кои, како што велат, со месеци работат без примања и без сигурност за својата иднина.
Според вработените, барањата за продолжување на договорите биле доставени уште во јануари, но наместо решение, добиле негативен одговор. Дел од нив посочуваат дека проблемот трае со години и дека институциите постојано го одложуваат конечното решавање на нивниот работен статус.
„Не можеме да разбереме зошто со месеци се чекаше одговор, а потоа добивме одбивање. Работевме до крајот на мај, а никој не ни објасни зошто за повеќето здравствени установи има позитивни одлуки, а за нас не“, изјавија дел од присутните.
По протестот, претставници на вработените беа примени на средба во Министерството за финансии. Од таму им било ветено дека во наредните денови ќе се провери каде точно е настанат застојот во постапката и дека во рок од една недела ќе добијат конкретни информации.
Вработените велат дека очекуваат институциите конечно да покажат разбирање за нивната состојба, особено имајќи предвид дека меѓу нив има лица кои со години работат на Клиниката за детски болести и се дел од здравствениот систем.
Тие потсетуваат дека проблемот не е само финансиски, туку и кадровски, бидејќи дел од засегнатите имаат повеќегодишно искуство во установата, а неизвесноста околу нивниот статус дополнително го оптоварува функционирањето на Клиниката. Вработените најавуваат дека ќе ги почекаат ветените одговори, но доколку не добијат решение, не ја исклучуваат можноста за нови протести.
