Движењето ЗНАМ оцени дека посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претставува потврда дека Македонија успешно ја спроведува реформската агенда и остварува конкретни резултати во процесот на европска интеграција.
Од партијата наведуваат дека пораките од посетата покажуваат оти реформските напори на државата се препознаени и вреднувани од европските институции.
„Денес Македонија е препознаена како една од најуспешните земји во регионот во спроведувањето на реформските процеси. Особено значајно е што токму ресорите предводени од кадри на ЗНАМ се меѓу клучните носители на реформскиот напредок, институционалната модернизација и ефикасното спроведување на владините политики“, соопштија од ЗНАМ.
Според партијата, Министерството за правда и Министерството за јавна администрација покажале дека реформите можат да донесат конкретни и мерливи резултати преку зајакнување на правната држава, модернизација на администрацијата и приближување на институциите до европските стандарди.
Од ЗНАМ истовремено потенцираат дека, покрај реформите, не смеат да бидат доведени во прашање македонското достоинство, идентитет и националните интереси.
„Заштитата на националното достоинство останува нашата црвена линија. Остануваме доследни на ставот дека европската интеграција мора да биде процес заснован на вредности, критериуми и заслуги, а не процес на постојани билатерални условувања“, наведуваат од партијата.
Во соопштението се додава дека членството во Европската Унија треба да биде резултат на исполнети критериуми и успешни реформи, а не на нови политички барања кои, според ЗНАМ, ги надминуваат европските принципи и стандарди.
„Нашата поддршка за европската иднина на Македонија е недвосмислена, но исто така недвосмислена е и нашата определба дека нема да прифатиме политика на уцени, диктати и бесконечно поместување на целта“, порачуваат од ЗНАМ.
Од партијата нагласуваат дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но и на заштитата на националното достоинство и интереси.
