Распишете референдум, граѓаните нека одлучат дали сакаат нивните деца да платат цена за Мицкоски. Владата на Мицкоски призна дека нема пари ниту за организирање референдум на кој граѓаните треба сами да одлучат за својата иднина. Пари има само за криминалната група на ВМРО и нивните криминални тендери. Нема пари за граѓаните, нема за повисоки плати, нема за минимална плата од 600 евра, нема пари за мерки, нема пари за субвенции за земјоделците. Нема ниту за референдум на кој граѓаните треба да одлучат за својата судбина, за иднината на своите семејства и своите деца, изјави Богданка Кузеска – портпаролка и членка на Извршниот одбор на СДСМ.
– За Мицкоски и криминалната група околу него граѓаните треба да само да ја платат цената. Затоа Мицкоски вели „ќе ја платиме цената“. Нема Мицкоски да плати, нема неговите министри и функционери со бугарски пасоши во џебовите да платат. Цената ја плаќаат граѓаните. Ја плаќаат семејствата. Ја плаќаат младите. Две години Мицкоски и ВМРО се на власт – и сè е полошо. Платите стагнираат, цените дивеат, а народот едвај врзува крај со крај. Луѓето се борат да преживеат, а младите сè повеќе ја гледаат иднината надвор од Македонија. Мицкоски и ВМРО лажеа за сè а лажат и денеска. Лажеа дека ќе „го вратат името“ лажеа дека Преспанскиот договор е предавство, лажеа дека се загрозени јазикот, културата и македонскиот идентитет. Сега повторно лажат – дека Европа го загрозува македонскиот идентитет.
Не. Единственото што е навистина загрозено е иднината на нашите деца со криминалните политики на Мицкоски. Тој и неговата банда не сакаат ЕУ затоа што во Европа има правда, има институции и има одговорност за криминал и корупција. Затоа нè држат како заложници цел народ. Ние во СДСМ не го профаќаме тоа. Јас како мајка на две деца не можам да го прифатам тоа. Не можам мирно да гледам како сè повеќе родители ги испраќаат своите деца на аеродроми, со солзи во очите, затоа што овде веќе не гледаат иднина за нив. Не сакам моите деца утре да растат со чувство дека единствениот начин да имаат нормален живот е да ја напуштат својата татковина. Сакам моите деца да живеат овде. Да учат овде. Да создаваат семејства овде. Да веруваат дека можат да успеат во својата држава. Референдумот не е политичко прашање туку прашање за нашите семејства, за нашите деца и за иднината на Македонија. Граѓаните сами треба одлучат дали се подготвени тие, нивните семејства и нивните деца да ја плаќаат цената на погрешните политики на Мицкоски. Ние не сакаме да плаќаме цена. Ние сакаме иднина, европска. Распишете референдум! Граѓаните нека одлучат, вели Кузеска.
