САД повлекуваат авиони, разорувачи и подморници од НАТО

Од:

САД постепено ќе го намалуваат бројот на стратешки бомбардери, борбени авиони, беспилотни летала, подморници и воени бродови што ѝ ги ставаат на располагање на НАТО, со што продолжува притисокот врз европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана, објави „Политико“.

Одлуката била соопштена на состанок зад затворени врати на директорите за политика на НАТО, а информацијата ја пренел советникот на Пентагон, Александар Велез-Грин, тврдат дипломати од Алијансата кои зборувале под услов на анонимност.

Според „Политико“, потегот е дел од пошироката стратегија на американскиот претседател Доналд Трамп за редефинирање на улогата на САД во НАТО, но и од насочувањето на американскиот фокус кон Индо-Пацификот.

Трамп и претходно предизвика реакции кај европските сојузници со најавите за повлекување американски војници од Германија и Полска, по што дел од тие одлуки беа ревидирани.

Дипломатски извори велат дека сè уште не е утврден точниот обем на намалувањето, ниту пак е прецизирана временската рамка за повлекувањето на дел од американските капацитети. Од Вашингтон, сепак, увериле дека нема да има промени во нуклеарното одвраќање.

„Некои средства остануваат недопрени, други целосно се повлекуваат, а дел би можеле да бидат намалени за половина или една третина“, изјавил дипломат на НАТО за „Политико“.

Прашањето се очекува да биде тема и на следната Конференција за генерирање сили на НАТО, каде што членките ги дефинираат воените капацитети што можат да ѝ ги понудат на Алијансата.

Џенифер Кавана од тинк-тенкот „Приоритети на одбраната“ оцени дека европските сојузници ќе се соочат со тешкотии при пополнувањето на празнините што би настанале со повлекувањето на американските сили, особено кога станува збор за подморници и стратешки бомбардери.

„Клучно е Европа да процени што навистина ѝ е потребно за сопствена одбрана и да ги развие тие капацитети“, изјави Кавана.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека секое намалување на американското воено присуство во Европа ќе се спроведува координирано со сојузниците.

„Постои разбирање во рамките на Алијансата дека присуството на американските сили во Европа ќе биде прилагодено“, рече Рубио.

Портпаролката на НАТО, Алисон Харт, за „Политико“ изјави дека Алијансата е „премногу зависна од американските сили и капацитети“, но оцени дека зголемените инвестиции на Европа и Канада во одбраната ќе придонесат за порамномерна распределба на одговорностите во НАТО.

Би можело да ве интересира

САД планираат нови царини за Канада и за Мексико

ВИДЕО: Трамп го собира кабинетот во Вашингтон, договор или враќање на нападите врз Иран

Катерина Ѓуровски

Трамп: Збогатениот ураниум на Иран ќе биде уништен или испратен во САД

Горан Наумовски

Трамп: Арапските лидери да ги потпишат Абрахамовите договори

И да заврши војната, центите на нафтата нема да се вратат во нормала набрзо

ВИДЕО: САД и Иран блиску до договор, Трамп не ја прекинува блокадата