Стотици илјади муслимани и оваа година тргнаа на аџилак во Мека, во Саудиска Арабија, и покрај постојаната закана што ја претставува војната во Иран. Според официјалните податоци, уште пред почетокот на годишниот аџилак, од странство пристигнаа милион и пол верници.
Откако ја обиколија Каба, главното светилиште на исламот во форма на коцка во Meкa, аџиите се упатија кон блиската долина Мина, оддалечена околу осум километри, каде што ќе преноќат во огромен шаторски камп.
Вториот ден тие ќе се упатат кон планината Арафат, околу 20 километри источно од Мека, каде што ќе останат до зајдисонце, што претставува врв на аџилакот.
За време на тримесечната војна во Иран, Саудиска Арабија беше нападната со стотици дронови и ракети. Поголемиот дел од нив беа пресретнати од противвоздушната одбрана, но имаше и жртви, како и штети врз енергетската инфраструктура и станбените области.
Министерството за одбрана на Саудиска Арабија објави снимка на која се гледа распоредување на единици на противвоздушната одбрана со цел заштита на верските објекти околу Мека. Вооружените сили се задолжени за „заштита на воздушниот простор над светите места и реакција на сите закани со цел да се гарантираат безбедноста и мирот на аџиите“, соопшти Министерството.
За повеќето муслимани, учеството на аџилак е искуство што се случува еднаш во животот. Многумина со години штедат за да можат да си го дозволат патувањето или аџилак-пакетите што ги нудат специјализирани туристички агенции. Цената по лице лесно може да достигне и 5.000 евра.
