Бугарија е победник на 70. издание на Изборот за песна на Евровизија, кое вечерва се одржа во Виена, освојувајќи вкупно 516 поени во драматично финале во кое одлучувачки се покажаа гласовите од публиката.
По гласањето на националните жири-комисии, Бугарија веќе беше во водство со 204 поени, а поддршката од гледачите дополнително ја зацврсти нејзината позиција и ѝ ја донесе победата на јубилејното издание на најголемиот европски музички натпревар.
Израел го освои второто место со 343 поени, додека Романија заврши на третата позиција со 296 поени. Во топ пет се пласираа уште Австралија со 287 и Италија со 281 поен.
Во големото финале настапија претставници од 25 земји, меѓу кои Данска, Германија, Израел, Белгија, Албанија, Грција, Украина, Австралија, Србија, Малта, Чешка, Бугарија, Хрватска, Обединетото Кралство, Франција, Молдавија, Финска, Полска, Литванија, Шведска, Кипар, Италија, Норвешка, Романија и домаќинот Австрија.
Годинашната Евровизија се одржа во арената „Винер Штатхале“ во Виена, откако Австрија лани триумфираше со песната „Wasted Love“.
Јубилејното 70. издание беше одбележано со спектакуларна продукција, импресивни сценски ефекти и настапи кои ја одбележаа една од најгледаните музички вечери во Европа.
