Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, преку видео порака ги повика своите колеги пратеници уште денеска да појдат на нотар и да дадат изјава дека имаат исклучиво македонско државјанство.
„Ајде колеги, сите на нотар со иста изјава – да се види дека е став, а не популистички потег. Или сте за само македонско државјанство или манипулирате. Јас не манипулирам, еве ја мојата нотарска изјава“, порача Зајкова.
Иницијативата доаѓа откако пратеници од ВМРО-ДПМНЕ вчера поднесоа измени на Законот за пратеници, со кои се предвидува пратениците да имаат само едно, односно македонско државјанство. Овие измени добија поддршка и од СДСМ, од каде најавија дека ќе поднесат амандман со кој мерката би важела и за актуелниот парламентарен состав.
Во меѓувреме, СДСМ денеска поднесе и измени на Законот за Влада, со кои се предлага сите избрани и именувани функционери да имаат исклучиво македонско државјанство.
