Американскиот потпретседател Џ. Д. Венс и неговиот преговарачки тим го напуштија Пакистан откако во 21-часовните разговори не успеаја да постигнат договор со Иран. Венс рече дека американските преговарачи се враќаат дома бидејќи Иран не се согласил со условите на САД, вклучително и обврската да не развива нуклеарно оружје.
„Лошата вест е дека не постигнавме договор и мислам дека тоа е многу полоша вест за Иран отколку за Соединетите Американски Држави“, рече Венс. „Значи, се враќаме без договор. Ги ставивме нашите црвени линии многу јасно на знаење.“
Венс рече дека неколку пати разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за време на разговорите.
„Едноставно треба да видиме обврска од Иран дека нема да развива нуклеарно оружје и алатки што ќе му овозможат брзо да развива такво оружје“, рече Венс на кратката прес-конференција во Исламабад. „Тоа е нашето фундаментално барање.“
Потпретседателот на САД истакна дека нуклеарната програма на Иран е „уништена“, но нагласи дека „е потребна фундаментална обврска“ од Техеран дека нема да развива такво оружје во иднина. „Сè уште не сме го виделе тоа. Се надеваме дека ќе го видиме.“
Ванс со тоа сугерираше, пишува CNN, дека нуклеарната програма на Иран е најголемиот проблем во преговорите. „Заминуваме од тука со многу едноставен предлог, нашата најдобра и последна понуда. Ќе видиме дали Иранците ќе го прифатат“, заклучи Венс.
Иранските медиуми објавија дека постојат спорови меѓу Вашингтон и Техеран во преговорите и ја обвинуваат американската страна за нивното прекинување.
„Неразумните барања“ од страна на САД предизвикаа пропаѓање на разговорите во Исламабад меѓу Иран и САД, насочени кон прекин на војната на Блискиот Исток, објави во недела иранската државна телевизија (IRIB).
„Иранската делегација неуморно и интензивно преговараше 21 час за да ги брани националните интереси на иранскиот народ. И покрај различните иницијативи од нејзина страна, неразумните барања на американската страна го спречија напредокот на преговорите. Затоа тие се завршени“, објави IRIB.
Разговорите се одржаа во трилатерален формат, со учество на пакистански претставници кои го олеснија двонеделното примирје кое стапи на сила во среда.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во саботата дека „не го интересира“ дали разговорите ќе успеат.
„Победуваме на секој начин. Целосно ги победивме воено“, им рече тој на новинарите на тревникот на Белата куќа.
Американската делегација на разговорите ја предводеше потпретседателот Џ.Д. Венс, придружуван од специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на претседателот Трамп. Иран го претставуваа влијателниот претседател на парламентот, Мохамед Багер Галибаф, и министерот за надворешни работи Абас Арагчи.
