Во текот на изминатото деноноќие се случија две тешки сообраќајни несреќи со смртни последици, во кои животот го загубија две лица.
Првата несреќа била пријавена на 8 април во 09:15 часот, кога на улицата „Костадин Зупов“ во селото Смоквица, трактор „Тома Винковиќ“ со приколка, управуван од 75-годишниот Р.Б. од Гевгелија, излетал од патот и паднал во коритото на реката Мешкавица. Во несреќата возачот се здобил со тешки телесни повреди, додека неговиот сопатник Ж.Г. (70) од Смоквица поминал со телесни повреди, констатирани во Општата болница во Гевгелија. Поради сериозноста на повредите, Р.Б. бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде подоцна, во 23:15 часот, им подлегнал на повредите. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила екипа од ОВР Гевгелија.
Втората несреќа се случила истиот ден во 18:50 часот на улицата „Мирче Ацев“ во Богданци, каде трактор „Фергусон“ со гевгелиски регистарски ознаки, управуван од Ѓ.С. (64) од Богданци, удрил во бетонски ѕид и се превртел. Од здобиените повреди, возачот починал на самото место, а смртта била констатирана од лекар од Итна медицинска помош. По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, а увид извршила увидна екипа од ОВР Гевгелија.
