Со почеток во 12:30 часот денеска во Скопје ќе се одржи протестен марш како израз на незадоволство поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците во првосудниот испит, најави Министерството за внатрешни работи.
Оттаму велат дека протестот ќе започне од плоштадот „Карпошово востание“, преку Камениот мост, a ќе заврши пред Министерство за правда. По оваа траса ќе има посебен режим на сообраќај.
-Утре (06.04.2026), со почеток во 12:30 часот од страна на група граѓани ќе се организира протестен марш како израз на незадоволство поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците во првосудниот испит со траса на движење од пред плоштад „Карпошово востание“ ул.„11-ти Март“ преку Камени мост, продолжува по ул.„Никола Вапцаров“ и завршува на ул.„Димитрие Чуповски“ пред Министерство за правда, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници. СВР Скопје-Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, соопшти МВР.
Министерството апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера ги повика учесниците во протестот „да не дозволат да бидат алатка во рацете на политичка партија, која сè уште живее во спомените, односно во минатиот век“.
Во пресрет на најавениот протест градоначалникот на Чаир Изет Меџити повика на поголема свесност кај политичките и општествените актери, оценувајќи дека станува збор за прашање кое бара системски пристап.
