Војната во Иран е фијаско, Time објави инсајдерски извештај од Белата куќа

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со растечки притисок во Белата куќа и кај јавноста додека војната со Иран влегува во третата недела, пишува Time во обемен инсајдерски извештај.

Според податоците што му ги презентирале најблиските соработници, поддршката за војната меѓу Американците опаѓа, цените на горивата ја надминаа границата од четири долари по галон, берзите бележат пад, а низ земјата се најавуваат протести. Ситуацијата дополнително ја влошува и загинувањето на 13 американски војници, како и сè погласните критики од дел од неговите досегашни поддржувачи.

Неговата шефица на кабинетот, Сузи Вајлс, предупредила дека долготраен конфликт може сериозно да ја загрози и поддршката за претседателот, како и шансите на републиканците на изборите за Конгрес во ноември.

Според извори од Белата куќа, Трамп секојдневно гледа видеоснимки од воени успеси што му ги подготвуваат воени претставници, верувајќи дека елиминирањето на иранската нуклеарна закана може да стане едно од клучните достигнувања на неговиот мандат.

Но, во администрацијата расте загриженоста дека претседателот не ја добива целосната слика за реалната состојба. Вајлс наводно побарала од соработниците да бидат „поискрени“ за политичките и економските ризици.

Иако јавно тврди дека операцијата е „при самиот крај“, Трамп истовремено најавува нови, уште посилни удари врз Иран. Во приватни разговори, сепак, сè почесто бара начин да се стави крај на конфликтот.

Целта е да се заврши војната пред политичката и економската штета да станат непоправливи, но истовремено исходот да може да се претстави како победа.

„Постои тесен прозорец за излез“, изјавил висок функционер за Time.

Иран одговорил многу посилно од очекувањата – со ракетни и дронски напади врз американски и сојузнички цели низ Блискиот Исток, вклучително и Кувајт, Бахреин и Саудиска Арабија.

Особено силен удар беше де факто блокадата на Ормускиот Теснец, клучна рута низ која минува околу 20 проценти од светската нафта, што предизвика глобален енергетски шок.

Пентагон тврди дека операцијата „Епски гнев“ е воен успех, со значително уништување на иранските воени капацитети. Сепак, пошироките цели – спречување на нуклеарната програма, слабеење на режимот и политички промени во Техеран – остануваат неизвесни.

Аналитичарите предупредуваат дека долготрајна војна може да има спротивен ефект и дополнително да го поттикне Иран кон развој на нуклеарно оружје.

Белата куќа сега се обидува да најде баланс меѓу воениот притисок и можноста за преговори, додека глобалната економија веќе ги чувствува последиците од растот на цените на енергенсите.

Крајот на војната останува нејасен, а како што наведува Time, дури ни внатре во администрацијата не постои јасен план како да се стигне до конечна цел.

Во меѓувреме, политичката цена за Трамп продолжува да расте, во пресрет на изборите што би можеле да го одредат текот на остатокот од неговиот мандат.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Израел под нови ирански напади

Катерина Ѓуровски

ЕУ ги разгледува сите опции поради влијанието на војната врз снабдувањето со енергија

Иран тврди дека соборил американски Ф-35

Воената моќ на Иран останува голема, проценуваат американските разузнавачи

Трамп му се закани на Иран: „Новиот режим знае што треба да прави, електраните се следни“

Катерина Ѓуровски

Танкерите користат нова рута во Ормутскиот теснец