Јавниот обвинител на Република Македонија, Ненад Савески, изрази жалење за оставката на обвинителката Ристоска, нагласувајќи дека нејзината одлука ја дознал преку СМС порака, додека причините за истата ги видел во медиумите.
„Во принцип не сакам да коментирам лични одлуки, но сепак изразувам жалење за одлуката на колешката Ристоска“, изјави Савески.
Тој посочи дека Јавното обвинителство со нејзиното заминување губи искусен кадар од кој очекувал значаен придонес, особено во улогата обвинител за врски со Европравда.
Савески истакна дека одлуката за отповикување на овластувањата дадени од неговите претходници не е насочена кон конкретни лица, туку има организациски карактер со цел зголемување на ефикасноста во работата на обвинителството.
Воедно, тој ги повика јавните обвинители да го зачуваат професионалниот интегритет и да не дозволат надворешни влијанија врз нивната работа, како и сите општествени чинители да придонесат за зачувување на угледот на институцијата.
„Сите одлуки што ги носам се во насока на гарантирање на независноста и самостојноста на Јавното обвинителство“, нагласи Савески.
