Религијата како канал за странско влијание во Македонија: ограничен капацитет, долгорочен ефект

Од:

Странското влијание преку религиозните заедници во Македонија не е нов феномен, но во последните неколку години добива поинтензивна и пософистицирана форма. Наместо директен политички притисок, надворешните актери сè почесто користат индиректни канали – културни, вредносни и религиозни – со цел да изградат долгорочно присуство и да влијаат врз општествените наративи. Овој модел е типичен за т.н. „мека моќ“, каде религијата функционира како легитимен и тешко оспорлив простор за влијание.

Новинарот Марјан Николовски идентификува две главни линии на ова влијание. Првата е поврзана со Исламската верска заедница, каде што, како што вели, постои „мешано влијание“ – од една страна одредени фондови поврзани со саудиското учење, а од друга страна поизразено турско присуство. Според него, токму турското влијание е поинтензивно и се вклопува во поширока регионална стратегија која се протега „од Истанбул, Македонија, Бугарија, Косово до Санџак и Босна“.

Сепак, Николовски прави јасна дистинкција: овие влијанија не треба автоматски да се поистоветуваат со радикализација. Напротив, тој оценува дека Исламската верска заедница, особено со поддршка од државата, успеала да се справи со посериозните предизвици и дека нејзиниот јавен дискурс останува осудувачки кон екстремизмот.

Оваа оценка делумно ја потврдува и Бобан Стојановски, поранешен помошник директор во Агенцијата за национална безбедност кој укажува дека во минатото сепак постоеле обиди за продор на порадикални влијанија, особено преку „генерација државјани кои завршиле теолошки факултети во некои од арапските земји“. Според него, токму тие влијанија „резултирале со појава на одредени екстремизми во почетокот, па и радикализми“, иако често индиректно.

Стојановски дополнително нагласува дека ваквите процеси не се ограничени само на една религија. „Не треба да се остави впечаток дека само исламот е подложен на вакви процеси“, вели тој, потсетувајќи дека и Македонската православна црква во минатото била изложена на „пропагандни, надворешни, директни и индиректни влијанија“, што довело и до внатрешни тензии.

Токму оваа паралела е важна за разбирање на втората линија на влијание што ја посочува Николовски – онаа преку МПЦ-ОА. Според него, клучен момент е 2022 година, кога црквата беше вратена во канонско единство со православниот свет. Овој процес, покрај религиозното значење, отвори простор за нови влијанија, особено од страна на Руската православна црква.

Николовски оценува дека тоа влијание се гради постепено, преку создавање позитивна перцепција за Русија и Руската црква, но и преку вредносни прашања како отпорот кон либералните политики. „Се ‘билда’ Руската црква, нејзиното величање, дека од таму доаѓа сè правилно“, вели тој, додавајќи дека паралелно се создава и негативен контекст кон Западот.

-Таа до 2022 беше отсечена од православниот свет и влијанијата на неа не беа предмет на интерес на некакви политички структури низ цкровните кругови. Но, од 2022 година кога се врати во канонско единство, игрите со Српската црква, се зајакна влијанието на Руската црква. Да потсетам, дури имаше и државно вмешување, обид да се спречи тоа влијание преку забрана за влез на еден свештеник од Софија кој беше посредник на тие комуникации. Но. Чинам дека таа линија продолжи и постојано се зајакнува таа линија на влијание, објаснува Николовски.

Особено загрижувачко, според него, е што дел од тие наративи не доаѓаат само од анонимни извори, туку и од „реални ликови од свештеничкиот круг“ кои стануваат носители на тие пораки. Во комбинација со чувствителни прашања како националниот идентитет и спорот за името, ваквите пораки добиваат дополнителна емотивна тежина.

Николовски оди чекор понатаму и тврди дека во македонски услови, религијата – конкретно МПЦ – е „единствениот канал“ преку кој се шири руско влијание, со оглед на тоа што нема силни проруски политички партии или значајна економска зависност од Русија.

– Религијата во Македонија, Православната црква е структура во која голем дел од луѓето имаат перцепција дека нас ни се браќа по вера Русите и дека ние природно припаѓаме на таа линија. Но, во основа, мислам дека најголем дел од тие луѓе коишто се под некакво влијание на таа линија, во основа немаат јасна перцепција дека тоа црковно,-руско влијание пред се е политичко руско влијание во Македонија и на долг рок сметам дека може да направи некои посериозни компликации во односите затоа што во моментов тоа влијание се сведува на „билдање„ на Руската црква, нејзино величање, дека од таму доаѓа се правилно. Знаете, оние борби против ЛГБТ и против, во одреден степен, полиберални човекови права на некои маргинализирани заедници. Таа е потребата сега што ја има Руската црква за да добие во позитива кај Македонците. Тоа е почетната линија која треба да создаде позитивна перцепција кај сите Македонци за тоа „колку е добра Руската црква“ и Русија колку е позитивна. И да напоменеме дека во тој контекст исклучително лошо се користи емотивниот аспект на името на државата и сите оние политички ситуации кои се однесуваат околу името. Групите коишто се појавуваат или поединци, некои од нив не се фејкови туку се за жал реални ликови од свештеничкиот круг од клирот на Македонската православна црква кои стануваат водачи на таа условно кажано пропаганда која се шири кон позитивна на Руската црква. Од друга страна таа треба да предизвика негативен политички контекст кај општеството во поглед на Западниот свет. Да не се лажеме, тоа јасно се гледа. Таа перцепција јасно се забележува.

Во поширок контекст, ваквите оценки се вклопуваат и во европските анализи кои укажуваат дека Руската православна црква во одредени случаи се користи како инструмент за пошироко влијание, па дури и за создавање мрежи на поддршка и влијание. Примерите од Молдавија, каде религиозните врски биле искористени за влијание врз јавното мислење пред избори, покажуваат дека овој модел не е изолиран.

Сепак, институционалната проценка во Македонија е дека ризикот од овие влијанија е ограничен. Националниот, координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризамПавле Трајанов, нагласува дека иако постојат обиди за ширење на религиски фундаментализам, вклучително и преку финансирање на верски објекти, тие „немаат капацитет за сериозна дестабилизација“. Истовремено, тој предупредува дека овие процеси мора внимателно да се следат, без да се загрозат верските слободи.

Стојановски, пак, укажува на клучната потреба од системски пристап: справувањето со ваквите појави не може да биде еднострано. „Тој процес треба да биде двосмерен“, нагласува тој, односно да постои соработка меѓу државните институции и самите верски заедници, кои треба активно да реагираат ако детектираат екстремизам во сопствените редови.

Сумирано, странското влијание преку религијата во Македонија е реален, но не и доминантен фактор на дестабилизација. Неговата сила не лежи во директно политичко влијание, туку во долгорочно обликување на ставови и перцепции. Токму затоа, клучниот предизвик не е само безбедносен, туку и општествен – како да се зачува автономијата на верските заедници, без тие да станат канал за геополитички агенди.

Би можело да ве интересира

Трибина на тема „Младите и религијата“

Ана Ололовска

Анкета: 84 отсто од населението во Македонија религиозно, а 88 отсто веруваат во Господ

Наум Локоски

Истражување: Над половина од граѓаните се сметаат за религиозни

Ана Ололовска

Божиновска: Македонија не смее да биде заложник на каков било верски радикализам

Емир Латифовиќ

Македонија е 5-та најрелигиозна држава во светот

Емир Латифовиќ

Стејт департмент: Правото на слобода на вероисповед во Македонија генерално се почитува

Ана Ололовска