Претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими, во однос на одлуката да не ѝ биде продолжен мандатот во ОЈО ГОКК на обвинителката Ивана Алексовска-Трајчевска, која ги работеше предметите против полициски службеници поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, вели дека „Советот е колективно тело и одлуката е колективна“ и „колешката не е ни прва ни последна што не е избрана или е избрана“.
– Вие бевте внатре и видовте дека им се даде шанса на новите колеги. Никој не ѝ ја оспорува работата на колешката. Напротив, ја цениме таа работа. Гласав од причини што ми даде шанса на новите обвинители – изјави Бесими одговарајќи на новинарски прашања по денешната 40-та седница на Советот на јавните обвинители.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески вели дека е сосема нормална ситуација од одредени причини јавен обвинител да не е во можност да се јави и да продолжи да застапува конкретното обвинение, меѓутоа секогаш по тој предмет се назначува друг обвинител, кој ќе продолжи, нагласувајќи дека неговата интенција е „секогаш причина за одлагање на предметите да не биде отсуство на јавен обвинител од кои било причини“.
Прашан кој ќе ги преземе предметите против полициските службеници поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со оглед дека на обвинителката што ги работеше овие предмети, Ивана Алексовска-Трајчевска, на денешната седница на Советот на јавните обвинители не ѝ беше продолжен мандатот во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, Савески нагласи дека во овој предмет, како и во сите други предмети кога има ваква ситуација, каде што од одредени причини јавниот обвинител нема можност да се јави во конкретниот предмет или да продолжи по конкретниот предмет, во таквите случаи продолжува да работи друг обвинител на предметот, кој во согласност со правилата за доделување предмети ќе биде доделен и ќе продолжи со работа.
Во однос на тоа што станува збор за три предмети со вкупно 25 обвинети полицајци и дали новиот обвинител ќе има доволно време да се запозне, Савески вели дека сето тоа зависи од фазата во која се наоѓа предметот.
– Сега зборувам генерално, не конкретно за предметот за кој ме прашувате. Јавниот обвинител секогаш се очекува да се јави пред суд, односно да се појави во суд и да го застапува предметот, подготвен во која било фаза да е. Ако е во фаза на воведен говор, секако дека мора да дојде пред суд спремен да го даде воведниот говор. Доколку е во фаза на доказна постапка, треба да биде подготвен да ги изведува доказите на начин како што е предвидено. Доколку е во фаза на завршен збор, секако јавниот обвинител мора да биде подготвен за завршен збор. Дали за тоа ќе му треба подолго време и дали за тоа евентуално би било оправдано некое одлагање, е процена на конкретниот јавен обвинител. Секако, за сложените предмети веројатно е дека ќе му треба време да се подготви, меѓутоа тоа време треба да биде разумно и никогаш на штета на постапката или на она што значи итно постапување во предметите – и во овој предмет и во сите други – изјави Савески одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Советот на јавните обвинители.
Во однос на денешното гласање за избор на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје и неможоста да се избере, Бесими нагласи дека Советот е колективно тело и сите се изјасниле на гласањето посочувајќи дека Советот ќе отвори нов оглас.
– Сега тоа Обвинителство функционира со вршител на должност во согласност со законот. Таа е избрана во декември. Има шест месеци мандат. Значи, уште има одлука и таа одлука ќе ја почитуваме до крај. Ние, во согласност со законот, ќе отвориме нов оглас. И процедурата ќе си тече нормално – изјави Бесими.
Прашан како ги коментирате медиумските написи за тоа што се случувало во Обвинителството, Бесими рече дека медиумските настани не ги коментира.
– Не ги коментирам. Ние сме Совет. Ингеренциите ни се такви. Значи, тоа е работа на републичките обвинители. За дисциплинските, нормално, ние тие предмети што се дисциплински, што доаѓаат по жалба, ги работиме во согласност со законот – изјави Бесими.
Советот на јавните обвинители на денешната седница избра четворица нови обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Енѓелуше Кадриу-Леши, Александар Марковски, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојковиќ-Димитриовска, а Ивана Алексовска-Трајчевска, Марија Горѓиева, Валентина Бислимовска, Сузана Мирческа-Кузмановска не го добија потребниот број гласови иако огласот беше отворен за пет позиции.
