Високи ирански функционери го критикуваа военото присуство на САД во регионот, тврдејќи дека структурата на американските сили во Западна Азија „се распаднала“ и дека американските трупи сега се „кријат“ во цивилни објекти, вклучувајќи хотели, користејќи ги локалните жители како „човечки штитови“, и се заканија дека ќе ги нападнат хотелите во кои се сместени американски трупи на Блискиот Исток.
Бригадниот генерал Аболфазл Шекарчи, портпарол на иранските вооружени сили, во интервју за националната телевизија изјави дека американскиот персонал е принуден да ги напушти воените бази и дека потпирањето на цивилни локации е „понижувачко повлекување“ и признание за неспособноста на САД да ги заштити своите сили, објави денес Press TV.
„Кога сите американски сили одат во еден хотел, тогаш, од наша перспектива, тој хотел станува американски. Дали треба само да стоиме настрана и да им дозволиме на Американците да нè нападнат? Кога им одговараме, се разбира, мора да ги нападнеме каде и да се“, рече тој.
Тој додаде дека 17 американски бази во регионот се уништени и дека американските и израелските сили претрпуваат големи загуби, проценувајќи дека меѓу 600 и 800 американски војници се убиени, а речиси 5.000 се ранети, додека 1.321 израелски војник е убиен во иранските одмазднички напади.
Шекарчи нагласи дека Иран останува решен да го брани својот суверенитет и дека новите одбранбени стратегии вклучуваат офанзивни операции како одговор на нападите.
„Доколку бидеме нападнати, ќе возвратиме со сè што имаме“, нагласи тој.
Тој, исто така, апелираше до муслиманските земји да не им дозволуваат на американските сили да ги користат нивните територии, предупредувајќи дека секоја база со американски персонал во регионот ќе биде цел на ирански напади. Шекарчи нагласи дека и покрај интензивниот притисок, економијата на Иран „останува отпорна“ и воениот капацитет на земјата постојано се подобрува за да одговори на сите закани, додека Иран инсистира дека конфликтот ќе продолжи сè додека не се исполнат неговите услови и американските и израелските сили не бидат отстранети од регионот.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, ги обвини американските воени лица во мрежата X дека користат граѓани од земјите на Советот за соработка во Заливот (GCC) како човечки штитови додека се кријат во хотели и канцеларии, објави денес Тасним.
„Хотелите во земјите од Советот за соработка во Заливот треба да го следат примерот на американските хотели и да не им дозволуваат на вработените кои би можеле да ги загрозат гостите да престојуваат“, рече Аракчи.
Иранските власти тврдат дека нападите на САД и Израел врз Иран, вклучително и атентатот врз водачот на Исламската револуција, ајатолахот Сејед Али Хамнеи, на 28 февруари, предизвикале значителни цивилни и воени жртви, на што Техеран одговори со серија одмазднички ракетни и беспилотни летала врз позициите на САД и Израел во регионот.
