25 години СОС Детско село – 25 години менуваме животи

Од:

СОС Детско село Македонија годинава одбележува значаен јубилеј, 25 години посветеност на децата, младите и семејствата во земјата. Во изминатите 25 години, СОС Детско село Македонија помогна илјадници деца, млади и семејства да добијат нова шанса за сигурна иднина и 6 090 променети животи, бројка зад која стојат вистински луѓе и вистински приказни.

По повод нашиот јубилеј, споделуваме пет сведоштва кои ја отсликуваат нашата работа со деца, млади и семејства и покажуваат како поддршката може да го промени животниот пат од неизвесност до стабилност, од првиот чекор до самостоен живот.

„Имаше период кога мислевме дека нема да можеме да продолжиме понатаму. Поддршката што ја добивме ни помогна повторно да застанеме на нозе.“Јордан, родител учесник на обуките за родителство.

Преку Советувалиштата на СОС Детско село и обуките за родителство, помогнавме на 1390 семејства во ризик и спречивме 3970 деца да бидат одвоени од биолошките семејства. За многумина, оваа помош значеше можност повторно да ја изградат стабилноста и да продолжат заедно како семејство.

„Пред да дојдам во СОС Детско село, се плашев од сè. Но, таму првпат почувствував дека некој навистина се грижи за мене“, вели Санела, дете поддржано од СОС Детско село.

Кога децата не можат да растат со сопственото семејство, потребно им е друго, згрижувачко семејство кое ќе ги заштити и исполни нивните потреби. Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село секојдневно обезбедува поддршка за 87 згрижувачки семејства, помагајќи им да обезбедат сигурна и стабилна средина за вкупно 710 деца и млади за да растат со грижа, стабилност и чувство на припадност. За многу од нив, ова е местото каде првпат почувствувале сигурност.

„Кога почнав да живеам сам, најмногу се плашев од првиот чекор. СОС Детско село беше тука да ми помогне да направам план за иднината“, вели Јасна, младинка поддржана од СОС Детско село.

Поддршката продолжува и кога младите го прават следниот чекор кон самостоен живот. Помогнавме на 1466 млади да ги зајакнат своите можности за вработување. Успеавме да помогнеме над 674 млади да се вработат.

Ова е патот од поддршка до независност.

„Денес имам сопствен мал бизнис. Тоа што некој веруваше во мојата идеја кога јас не верував, ми го промени животот“, раскажува  Борис, млад човек кој беше дел од проектот Зајакнување на младите преку нови можности.

Преку менторство и поддршка, помогнавме на 73 млади луѓе да започнат сопствен бизнис, создавајќи нови можности за себе и за својата заедница. Нивните приказни покажуваат дека со вистинска поддршка, младите можат да изградат иднина каква што некогаш изгледала невозможна.

„Разговорите со психолог беа моментот кога престанав да се чувствувам изгубено и почнав повторно да верувам во себе“, вели Стефан, млад човек кој беше дел од услугите за психолошка поддршка и специјална едукација и рехабилитација на СОС Детско село.

Грижата за менталното здравје е важен дел од поддршката што ја добиваат децата и младите. За само една година 127 деца и млади добија психолошка поддршка да ги надминат траумите и да продолжат да растат со сигурност и доверба во себе.

25 години грижа што продолжува

Во текот на изминатите 25 години, ние во СОС Детско село Македонија континуирано ги развиваме нашите програми со една јасна цел, секое дете да има сигурна средина во која може да расте, да учи и да го достигне својот потенцијал.

Затоа што зад секоја бројка стои вистинска приказна. Едно дете. Една нова шанса.

Нашата мисија останува иста: НИТУ ЕДНО ДЕТЕ ДА НЕ РАСТЕ САМО.

 

Би можело да ве интересира

Компанијата ФРУКТАЛ донираше овошни сокови на Црвениот Крст и СОС Детско село

А1он

Макстил станува стратешки партнер на СОС Детско село: „Да ги пренесеме најважните семејни вредности за децата во кумската куќа“

A1on

Компанијата Зегин и СОС Детско село – пријателство кое трае

Ана Ололовска

Ракометната федерација на Македонија доби специјален дрес од „СОС Детско село“

Првото кумство на згрижувачко семејтво во СОС Детско село

Тренчевска: Oтворен нов Центар за поддршка на згрижувачки семејства во рамки на СОС Детско село

А1он