Папата ги повика свештениците да не користат вештачка интелигенција за пишување проповеди или за барање популарност на социјалните мрежи како TikTok, нагласувајќи дека верата не може да се пренесе со алгоритми или да се мери со бројот на следбеници.
Зборувајќи на затворен состанок со свештеници од Римската епархија на 19 февруари, Папата предупреди против „искушението за подготовка на проповеди со помош на вештачка интелигенција“.
„Како и сите мускули во телото, ако не ги користиме, тие умираат. Мозокот треба да се користи; а нашата интелигенција мора да се вежба за да не ја изгубиме таа способност“, рече Папата, според извештајот на Vatican News.
Тој нагласи дека вистинската проповед е споделување на лична вера. „Вештачката интелигенција никогаш нема да може да споделува вера“, рече тој.
Уште во првите денови од неговиот понтификат, папата Лав XIV покажа интерес за темата за вештачката интелигенција и достоинството на работата. Во обраќањето пред Кардиналскиот колеџ по изборот во мај, тој објасни дека го зел своето име во чест на папата Лав XIII, авторот на социјалната енциклика Rerum Novarum, напишана во контекст на првата индустриска револуција.
Тој им рече на свештениците дека верниците сакаат да ја видат својата лична вера и искуството од средбата со Исус Христос.
„Ако не ја пренесеме пораката на Исус Христос, можеби сме направиле грешка и мора понизно да се прашаме кои сме и што правиме“, предупреди тој.
Папата истакна дека „животот на молитва“ е фундаментален за еден свештеник, што подразбира време поминато со Господ, а не рутинска и забрзана молитва.
Тој особено предупреди за опасноста од барање потврда на социјалните мрежи.
„Илузија е да се мисли дека на интернет, на TikTok, се нудиме себеси и добиваме „лајкови“ и следбеници. Тоа не си ти“, рече тој.
Во дијалогот со свештениците, Папата зборуваше и за работата со младите, истакнувајќи дека многумина доаѓаат од семејства погодени од кризи, разделби или искуство на напуштање.
Тој ги повика свештениците да бидат блиску до младите, но во исто време да им сведочат преку примерот на сопствениот живот.
