Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека ќе воведе глобални тарифи од 15 проценти и продолжи да ја оспорува одлуката на Врховниот суд.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон зборуваа за воведувањето тарифи.
Мерц предупреди на „отровот“ од континуираната неизвесност околу тарифите, неколку часа пред Доналд Трамп да објави дека ги зголемува глобалните тарифи на 15 проценти.
– Ќе одам во Вашингтон со хармонизирана европска гледна точка. Најголемиот отров за економиите на Европа и САД е оваа постојана неизвесност околу тарифите. Оваа неизвесност мора да заврши – рече германскиот канцелар.
Макрон ја коментираше одлуката на Врховниот суд на САД, која постави пречка за царинската политика на претседателот Доналд Трамп, и рече дека е „добро“ што постојат механизми на контрола и рамнотежа во САД.
– Добро е што во демократиите постои влада и противтежа на владата. Тоа треба да се поздрави. Франција внимателно ќе ја анализира ситуацијата и ќе ги проучи точните последици, што може да се направи, а ние ќе се прилагодиме – рече францускиот претседател.
Тој додаде дека „најфер можните правила подразбираат реципроцитет, а не толеранција на еднострани одлуки“.
– Ако тоа помогне во смирувањето на ситуацијата, во ред. Мислам дека треба да се стремиме кон пристап што ги намалува меѓународните тензии и да продолжиме да ја модернизираме нашата економија – заклучи францускиот претседател.
Трамп вчера оцени дека одлуката на Врховниот суд на САД, со која беа поништени неговите сеопфатни царини, е „длабоко разочарувачка“, наведувајќи дека се срами од одлуката што ја донеле некои судии.
