Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека не треба да се потценува опасноста што Русија ја претставува за Европа, оценувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин не се обидува само да ја порази Украина, туку и да го дестабилизира политичкиот поредок во Европа.
„Она што најмногу ме загрижува е потценувањето на руското влијание врз нашите општества. Русија е на пат да го дестабилизира целиот политички поредок на нашиот европски континент“, изјави Мерц во интервју за „Блумберг“.
Мерц предупреди дека многу луѓе, вклучително и германски граѓани, не ја сфаќаат доволно сериозно големината на руската закана.
„Тие не гледаат која е всушност целта на Русија. Не станува збор само за територијално проширување во Украина. Русија се плаши од демократијата, отворените општества и успехот на европските интеграции“, рече германскиот канцелар.
Мерц истакна дека Германија, заедно со други европски сојузници (кои не се САД), ја финансира одбраната на Украина и набавката на воена опрема, без американска финансиска поддршка.
„Тоа претставува голем товар за нашите буџети и за Европската унија. Сепак, ние продолжуваме со тоа и ќе се обидеме така да остане сè додека не заврши оваа ужасна војна“, рече Мерц.
Мерц изјави за „Блумберг“ дека се обидува да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп оти стабилна Европа е во интерес и на Соединетите Американски Држави.
„Стабилна Европа, европскиот континент и Европската унија како партнер на светската сцена се нешто што е вредно и за Американците“, рече Мерц.
Мерц заклучи дека европските влади ја сфатиле сериозноста на ситуацијата и дека Германија спроведува реформи во одбраната за да стане понезависна во однос на безбедноста.
„Го слушнавме повикот за будење и се обидуваме да се подготвиме за да бидеме доволно силни да се натпреваруваме и да се браниме во рамките на НАТО“, рече германскиот канцелар.
