ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на работниците и унапредувањето на животниот стандард на сите граѓани. Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување стабилна економија, во која трудот се вреднува, платите растат, а институциите функционираат одговорно и транспарентно. Со политики насочени кон реален економски раст, создавање нови работни места и почитување на колективните договори се поставуваат темелите за долгорочна финансиска сигурност, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
– Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата платите бележат реален пораст, а мерките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на куповната моќ и стабилизирање на економските текови. Наместо празни ветувања, се реализираат конкретни политики, што носат резултати.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, застанавме на страната на работниците затоа што постоеја сериозни проблеми, како доцнење на платите, непочитување на колективните договори и обиди минималната плата да се отстрани од формулата за пресметка. Таквата промена ќе го прекинеше линеарниот раст и ќе ја ослабеше заштитата на илјадници вработени. Заедно со синдикатите поднесовме повеќе од 40 амандмани и го спречивме тој процес. Со тоа обезбедивме минималната плата да остане дел од системот, што овозможува со нејзиниот раст да растат и другите примања.
Денес, разликата е очигледна. По две години управување со државата, не зборуваме за барања, туку за реализирани обврски. Во општините платите се зголемени во просек за речиси 5.000 денари. Во основното и средното образование зголемувањата се движат од 46 до 60 % во период од четири години.
Во високото образование платите се повисоки за најмалку 14 %. Во здравството растот изнесува меѓу 40 и 50 % во рамките на еден мандат. Полициските службеници добија покачување од 10 %, социјалните работници 20 %, а речиси 11.000 административни, судски и обвинителски службеници имаат обезбедено раст од 40 % до 2028 година. Колективните договори се почитуваат, а исплатата на платите е редовна.
Инфлацијата е стабилизирана во однос на претходните двоцифрени стапки. Ова се системски и одржливи решенија, а не ад хок мерки. На овој начин ја спроведуваме обврската кон работниците. Отворени сме за разговор за минималната плата, но одлуките мора да се носат институционално, преку Економско-социјалниот совет и со пристап што обезбедува економска стабилност. Работниците заслужуваат стабилност, сигурни договори и политики што даваат конкретни резултати, велат од партијата.
