Општина Кисела Вода со изненадување ги прими обвинувањата изнесени на денешната прес-конференција на здружението „Стоп за Усје“ и сака најостро да ги демантира сите изречени клевети. Како институција која отсекогаш негува отворен однос со граѓанскиот сектор, сметаме дека е крајно некоректно да се користи јавниот простор за пласирање дезинформации. Ова е особено недолично ако се земе предвид дека градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари средба со претставници на ова здружение веднаш по нивното барање, а истото здружение има и континуирана комуникација со сите општински служби.
„Сакаме јасно да им порачаме на граѓаните дека грижата за нивното здравје е наш највисок приоритет. Токму затоа, мерната станица поставена во кругот на цементарницата „Усје“ работи исклучиво во интерес на јавноста, а сите измерени вредности се јавно достапни.
Техничките карактеристики на станицата во овој момент не дозволуваат директна интеграција во надворешни апликации на начинот на кој се бара, но токму затоа Општината врши секојдневни ажурирања на официјалната веб-страница, каде граѓаните можат точно и навремено да се информираат за квалитетот на воздухот. Оваа состојба им беше детално и транспарентно објаснета на претставниците на здружението на самата средба.
Наместо да се цени искрениот и партнерски пристап на Општината, здружението одбра пат на неоснована конфронтација и лични напади. Се прашуваме, која е целта на свесното ширење недоверба кон институцијата и кој има корист од штетата што се нанесува преку пласирање невистини, кога сите податоци се транспарентни и проверливи?
Уште еднаш, отворено ги повикуваме претставниците на здружението „Стоп за Усје“, во било кое време, заедно со нивен стручен тим да појдат на лице место и директно да се уверат во точноста на податоците. Општина Кисела Вода нема да дозволи ничии задни намери да го нарушат угледот на институцијата која работи одговорно и посветено за своите жители. Нашите врати остануваат отворени за сите кои сакаат со факти, а не со клевети, да работат за заедничкото добро, велат од Општина Кисела Вода.
