Албуљен Хаџиу денес беше избран за претседател на Собранието на Косово, номиниран од партијата со најголем број мандати, Ветевендосје.
Од присутните 118 пратеници, 66 гласаа за Хаџиу, 42 гласаа против, а осум пратеници беа воздржани.
Избрани беа и пет потпретседатели, меѓу кои Славко Симиќ од Српската листа, Аријан Гоља од Движењето Самоопределување, Кујтим Шаља од Демократската партија, Влора Ќитаку од Демократскиот сојуз и Емилија Реџепи од редовите на малцинските заедници.
Пред изборот на лидерите на новото свикување на Собранието, присутните 118 пратеници положија заклетва.
По конституирањето на новото свикување на Собранието, на пратеничките групи е да формираат парламентарни комисии, а потоа ќе се одржи нова седница на Собранието на која ќе се избере новата влада.
Собранието во новото свикување беше конституирано 40 дена по одржувањето на предвремените парламентарни избори. Најмногу гласови освои движењето „Самоопределување“ – 51,10 проценти, што му донесе 57 места во новото свикување на централното собрание.
Српската листа освои девет од десет места резервирани за Србите. Едно место загарантирано за српската заедница освои партијата „За слобода, правда и опстанок“.
Демократската партија беше на второ место по бројот на освоени места меѓу албанските партии, со 20,19 проценти или 22 места. Демократскиот сојуз освои 13,24 проценти од гласовите или 15 места. Сојузот за иднината освои 5,90 проценти или шест места.
Останатите десет од вкупно 120 места ги освоија партиите на Бошњаците, Ромите, Египќаните, Турците и другите малцински заедници.
Формирањето на новото собрание помина без контроверзии и доаѓа по една година блокада на централните институции, бидејќи водечките албански партии не можеа да се договорат за формирање на нови владини тела. Во текот на целиот овој период, Албин Курти ја водеше владата со технички мандат.
