Во координирана акција на Вишото јавно обвинителство во Белград и Управата за криминалистичка полиција (УКП), спречени се ликвидации кои, според оперативните информации од истражните органи, биле планирани на територијата на Србија од страна на организирана криминална група поврзана со таканаречениот „Кавачки клан“.
Според белградските медиуми, во акцијата во Белград се уапсени тројца осомничени, во чие поседување се пронајдени осум килограми кокаин, помала количина марихуана, како и арсенал оружје и експлозиви што укажуваат на подготовка на тешки кривични дела.
Според истите наводи, запленети се снајпер со оптички нишан, рачен ракетен фрлач, пет рачни гранати, два пиштоли со изшмирглани сериски броеви, два килограми експлозиви, како и две силиконски маски што ги користеле криминалните групи при извршување ликвидации. Пронајдени се и шифрирани телефони, радиостаници, шпионски камери, детектор за уред за следење, ротирачки светла, како и голема количина пари.
Сериозноста на планираните напади, како што наведуваат извори од истрагата на кои се повикуваат белградските медиуми, се потврдува и со фактот дека истражните органи претходно добиле оперативни информации дека двајца снајперисти влегле на територијата на Србија со намера да извршат ликвидации и дека зад сè стои организирана криминална група. Според овие информации, целите, како што се сомнева, можеле да бидат и високи државни функционери.
Истрагата, како што се наведува, започнала веднаш по приемот на овие информации и траела неколку месеци. Во тој период биле собрани докази и следени активностите на осомничените, што на крајот резултирало со апсење и запленување на оружје, експлозиви и дрога.
Интересно е што иако од самиот почеток било јасно дека станува збор за дело на организиран криминален клан, случајот не го презело Обвинителството за организиран криминал, туку Вишото јавно обвинителство во Белград.
Се наведува дека шифрираните телефони ќе бидат испратени на форензичка анализа, што би можело да фрли светлина врз мрежата на контакти и можните сторители. Количината на запленетиот кокаин, како и видот и бројот на оружје, укажуваат не само на подготовка на ликвидации, туку и на поширок спектар на криминални активности.
Надлежните органи сè уште официјално не објавија подетално за потенцијалните цели и понатамошниот тек на истрагата.
