За минималната плата нашиот став е јасен – да, ќе ги зголемиме минималните плати соодветно на законското решение, а ако постигнат договор меѓу себе работодавачите и работниците, ние ќе го поддржиме и ќе поздравиме. Но, тогаш ќе треба да го нивелираме и овој договор, што го имаме сега, со овие две гранки, зашто тогаш во пресметката, во методологијата, усогласувањето со минималната плата ќе дојде премногу големо, зголемено за одреден процент, а тие пари во Буџетот ние ги немаме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски по постигнатиот договор со УПОЗ и САДУ, според кој, околу 11 000 административци ќе земат покачување на платите од скоро 40 отсто до 2028 година.
Одговорајќи на новинарски прашања, Мицкоски повтори дека за Владата е неприфатлив предлогот државата одреден период да ги финансира придонесите на работодавачите за тие да ја зголемат минималната плата.
-Нема да дозволиме таков начин на нарушување на пазарот на труд. Ние дадовме 250 милиони евра субвенционирани заеми за бизнисот, со камата од 1,95 отсто, не ги зголемуваме даноците, не ја зголемуваме старосната граница за одење во пензија. Оваа Влада веќе има многу направено за бизнисот и економијата, плус Програмата за поддршка на инвестициите – тука исплаќаме огромни средства на годишно ниво. Ние како Влада доволно сме поддржале креирање нови работни места. Преку Министерството за економија имаме повторно Програма за самовработување и тука се трошат околу 45 – 50 милиона евра годишно. Кога сето ова ќе се анализира, ќе видите дека ние многу повеќе финансираме и многу повеќе го поддржуваме бизнисот, објасни Мицкоски.
Во врска со платите на функционерите, премиерот напомена дека коефициентите ќе се корегираат согласно законот, до крајот на февруари.
-Ние го нивелиравме тој коефициент минатата година, ќе го нивелираме и оваа и додека сме Влада ќе го нивелираме поради една причина – зашто имаме поинакви морални вредности. Не можеме да ги замрзнеме зашто повторно ќе имаме одлука на Уставен суд што ќе биде во насока на таа претходната, но можеме да ги намалиме и тоа ќе го направиме. Тоа ќе повлече нови судски процеси кои ги прават сега судиите и обвинителите, бидејќи и тие спаѓаат во тие коефициенти. но не може се да биде иделано. Што се однесува до одлуката на Уставниот суд во времето на владата на СДСМ и ДУИ и уставните судии што ја донесоа таа одлука, тие беа со сосема поинаков карактер и добро е ним да им го поставите ова прашање, не би сакал во нивно име да зборувам, истакна Мицкоски.
