Занаетчиите се против минимална плата од 600 евра

Од:

Затворање голем број занаетчиски дуќани и отпуштање вработени ќе предизвика зголемувањето на минималната плата на бараните 600 евра, предупреди денеска Занаетчиската комора – Скопје.

Според Комората, минималната плата треба да се пресметува во согласност со законот. Ако се зголеми на 600 евра, тоа би значело голем удар поради драстичното покачување на трошоците за придонеси.

– Ние не сме против зголемувањето на минималната плата, но тоа треба да биде издржано, врз основа на добра анализа. Занаетчискиот сектор не може да го издржи ова темпо на континуирано зголемување на трошоците. Особено треба да се земе предвид состојбата на занаетчиите што работат во помалите градови и руралните средини, каде што постои голема миграција и значително помала потрошувачка на занаетчиски производи и услуги. За да опстанат и да ја зачуваат ликвидноста, занаетчиите ќе бидат принудени да ги зголемат цените, што дополнително ќе ја намали побарувачката и ќе доведе до затворање голем број занаетчиски бизниси – рече на прес-конференција претседателот на Занаетчиската комора – Скопје, Горан Ристовски.

Како што истакна Ристовски, зголемувањето на минималната плата на 600 евра директно ќе ги засегне занаетчиите што паушално плаќаат данок по решение од УЈП и занаетчиите што плаќаат данок по реално остварен приход.

Претседателот на Комората нагласи дека во Скопје има над 2.300 занаетчии, а на ниво на Македонија се речиси 8.000. Недостиг на работна сила има во сите сектори, но добро е – оцени Ристовски – што сè повеќе ученици се заинтересирани за дуално образование.

Би можело да ве интересира

Владата усвои информација за пораст на минималната плата од 1.812 денари според законски утврдените критериуми

А1он

Арсовска: Занаетчиските бизниси имаат економска вредност за градот и затоа треба да се поддржуваат

А1он

Занаетчиите тврдат дека без финансиска поддршка за плата многу бизниси нема да опстанат