Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес предупреди дека формирањето на европска армија би било „екстремно опасно“ бидејќи, меѓу другото, би довело до конфузија во командната структура, а во исто време ги отфрли обвинувањата за поделби меѓу Унијата и НАТО.
Зборувајќи на безбедносна конференција во Норвешка, таа предупреди дека формирањето на посебна европска армија покрај силите на НАТО може да доведе до конфузија во кризни ситуации, објави „Еуроњуз“.
– Најважна е командната структура: кој на кого му дава наредби. Ако имате европска армија и армија на НАТО, топката едноставно паѓа меѓу столчињата и тоа е исклучително опасно. Затоа велам дека мора да ја зајакнеме европската одбрана, која е дел од НАТО и е комплементарна на Алијансата. Не треба да го фрламе НАТО низ прозорец – нагласи Калас.
Калас ги отфрли тврдењата за поделби во рамките на НАТО, нагласувајќи дека соработката меѓу ЕУ и Алијансата се зајакнува.
– Членките на ЕУ, 23 од нив, се исто така дел од НАТО, па затоа навистина работиме рака под рака со НАТО – рече Калас.
Таа додаде дека ЕУ сè уште не е целосно независна во однос на безбедноста, но дека се прават напори за зајакнување на одбранбените и европските капацитети, покрај националните.