Министерството за здравство денеска ги објави имињата на експертите од странската комисија за истражување кардиолошки и кардиохируршки операции.
– Странската комисија за истражување на кардиолошките и кардиохируршките операции ја сочинуваат тројца врвни експерти од областа, меѓу кои д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, со искуство како редовен професор од областа кардиохирургија на Универзитетот во Удине, а бил ангажиран како визитинг-професор на универзитетите „Стенфорд“ и „Сан Диего“ во САД, кој има стекнато богато професионално искуство во областа на трансплантацијата на срце. Исто така, како експерт е член на уредувачките одбори на повеќе европски стручни списанија во оваа област. Д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, со повеќегодишно работно искуство на раководна позиција во Универзитетскиот медицински центар во Љубљана, кој воедно е и доктор на науки на Универзитетот во Марибор и има објавено повеќе стручни трудови посветени на кардиоваскуларната хирургија. Д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија, со долгогодишно искуство на одделот за кардиологија – единица за коронарен третман, при Универзитетскиот медицински центар во Љубљана. Овој експерт исто така има стекнато титула доктор на биомедицински науки на Универзитетот во Љубљана. Тој во рамките на својата експертиза бил ангажиран како истражувач на престижниот медицински центар Cedars-Sinai во Лос Анџелес, САД – се наведува во соопштението на Министерството за здравство.