Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“

Од:

Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.

Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.

Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.

Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.

Би можело да ве интересира

Турската кинематографија во фокусот на „Бич филм фестивал Охрид“

„Синот на кројачот“ од Јелена Бачиќ Алимпиќ меѓу новите изданија во акцијата „Со книга на плажа“

Незаборавна Шпанска вечер на „Охридско лето“ со триото „Вибрарт“

„Коулун, заградениот град“ од Јана Узунова, книга бр. 250 во едицијата ПРОаЗА на Или-Или

Променета локација на концерт на Скопско лето

„Со книга на плажа“ во полн ек: „Матица“ ги објави „Ослободи ме“ и „Пронајди ме и Отворената врата“ од Лорелин Пејџ