Царинските и граничните службеници на САД кои учествуваа во пукотницата во која беше убиен Алекс Прети во саботата во Минесота се привремено отстранети од должност, потврди за CNN висок функционер на Министерството за внатрешна безбедност.
Дека таков потег бил очекуван, претходно оваа недела изјави високиот функционер на Граничната патрола, Грегори Бовино.
Привремената суспензија е стандардна процедура за службениците вклучени во пукотници додека се спроведуваат истраги.
Да потсетиме дека, како што е утврдено досега, двајца агенти на Царинската и граничната заштита на САД пукаа од своето службено оружје за време на инцидентот во Минеаполис минатиот викенд во кој беше убиен 37-годишниот Алекс Џефри Прети, медицински техничар од единицата за интензивна нега.
Тоа е според владиниот извештај до Конгресот, врз основа на прелиминарна истрага што ја виде CBS News. Извештајот не укажува дека Прети посегнал по своето огнено оружје.
Според реконструкцијата на настаните, агентите на CBP спроведувале операција во саботата наутро кога еден агент им се приближил на две жени кои свиркале и им наредил да се тргнат од патот. Откако не успеале во тоа, агентот физички ги турнал, а една од жените истрчала кон Прети.
Потоа агентот се обидел да ги отстрани и жената и Прети од патот, а кога тие се спротивставиле, употребил солзавец. После тоа, агентите се обиделе да го приведат Прети, кој се спротивставил, по што следело туркање.
За време на тепачката, еден агент постојано викал дека Прети има пиштол. Околу пет секунди подоцна, едниот агент пукал со службен пиштол Глок 19, а другиот со Глок 47. По пукањето, агентот пријавил дека го зел огненото оружје на Прети, кое подоцна го складирал во службеното возило. Во извештајот не се вели дека Прети се обидел да извади или употреби пиштол.
Ова официјално сведоштво се разликува од претходните изјави на Министерството за внатрешна безбедност, кое во текот на викендот тврдеше дека само еден агент пукал во самоодбрана и дека Прети им се приближил на агентите со пиштол.
Во часовите по инцидентот, високи функционери тврдеа дека Прети се обидел да ги нападне или убие агентите, но тие тврдења не се појавуваат во извештајот на Канцеларијата за професионална одговорност. Шефот на полицијата во Минеаполис потврди дека Прети имал дозвола за поседување и носење оружје.