Здружението на судии на Македонија соопшти дека внимателно ги следи настаните поврзани со притворањето на судијата од Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и изрази јасна поддршка за надлежните институции во борбата против организираниот криминал и корупцијата, вклучително и на највисоко ниво.
Од Здружението очекуваат темелна, прецизна и транспарентна истрага, без селективност, во која ќе се утврдат сите релевантни факти и евентуалната инволвираност на други лица, со целосно почитување на законските процедури.
„Во случај на докажана корупција, јасно и недвосмислено се оградуваме од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем“, се наведува во соопштението, при што се потенцира дека ваквите појави не смеат да се генерализираат и да се поврзуваат со огромното мнозинство судии кои чесно и професионално ја извршуваат својата функција.
Здружението повикува на заштита на угледот и достоинството на чесните судии и на воздржаност од генерализации кои дополнително ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Според нив, истиот принципиелен пристап треба да се применува и кон сите други општествени чинители и функционери склони кон коруптивно однесување, бидејќи токму таквите појави со години придонесуваат за губење на довербата во институциите.
„Остануваме посветени на јакнењето на владеењето на правото, независноста и интегритетот на судството, како и на враќањето на довербата на граѓаните во правдата“, истакнуваат од Здружението.
Воедно, апелираат во сите постапки доследно да се почитува уставното начело на пресумпција на невиност и да се избегне сензационализам, како од органите на прогон, така и од политичките структури, со цел почитување на човековите права и европските вредности.