Засега непознат крадец украде снешко направен од редовни гости на британски паб пред објектот, објавија денес локалните медиуми.
Управата и гостите на пабот останаа запрепастени откако безбедносните камери ја снимија необичната кражба што се случи пред објектот, објави GB News.
Снешкото го направиле редовните гости на пабот Потер во Лонгтон, а персоналот со љубов го крстил Семи.
Видео клипот прикажува три лица како поминуваат покрај пабот, кога еден член од групата се одвоил од другите.
Човекот истрчал преку улицата покриена со снег и го зграпчил снешкото, пред да избега од местото на настанот.
Калум Чедвик, менаџерот на пабот, ги прегледал снимките од безбедносните камери и го опишал необичниот инцидент.
Менаџерот потврдил дека пабот нема да ја вклучи полицијата во случајот, но додаде дека е збунет околу мотивите што би можеле да стојат зад таков чин.
„Очигледно е дека тоа не е нешто што би го пријавиле во полиција, но едноставно не можевме да разбереме зошто некој би сакал да украде снешко“, објасни тој.
Менаџерот на пабот призна дека идентитетот на сторителот веројатно ќе остане мистерија.
„Кој би признал дека украл снешко од паб?“, заклучи Чедвик.
