Упасен е Жак Морети, сопственикот на барот „Ле Констелашн“ во Кранс-Монтана, каде што 40 млади луѓе ги загубија животите во пожар на новогодишната ноќ, а уште 116 беа повредени. Неговата сопруга, Џесика Морети, е ослободена по испрашувањето. Одлуката за апсење ја донесе обвинителството во Сион поради ризик од бегство, пишуваат италијанските медиуми.
Сопружниците Морети, француски државјани од Корзика, беа испрашувана утрово во Сион по обвинение за убиство, ранување и палење од небрежност. По испрашувањето кое траеше повеќе од шест часа, Жак Морети беше одведен со полициско возило, додека неговата сопруга Џесика го напушти обвинителството во придружба на адвокат.
„Моите мисли секогаш се со жртвите. Тоа е незамислива трагедија и се случи токму во нашиот бар. За тоа сакам да се извинам“, рече таа со солзи.
🚨 JUST IN
Jacques and Jessica Moretti arrive at the prosecutor’s office for questioning about the Crans-Montana massacre
Eyes loweredpic.twitter.com/7cbeXLGrKK
— Mambo Italiano (@mamboitaliano__) January 9, 2026
Промената во пристапот на обвинителите дојде откако беше откриено дека двојката избришала голем број видеа од социјалните медиуми поврзани со трагедијата. Ризикот од уништување на доказите, заедно со ризикот од бегство, ги натера властите да извршат апсење. Обвинителството истакна дека Морети е француски државјанин, а Франција не дозволува лесна екстрадиција.
Адвокатите што ги застапуваат семејствата на жртвите го изразија своето незадоволство од досегашната истрага. „Очекуваме дека нашите клиенти, семејствата, ќе добијат одговори, дека ќе се чувствуваат слушнати и дека ќе бидат утврдени сите одговорности, од А до Ш“, рече Ромен Жордан, еден од адвокатите.
Неговиот колега Себастијан Фанти беше уште поостар, критикувајќи ја одлуката да не се апсат Морети порано. „Требаше веднаш да бидат уапсени за да можат да се соберат сите докази и да се додадат во досието. Тоа беше колосална грешка. Доказ е што успеаја да деактивираат дел од нивната веб-страница и да избришат содржина од социјалните мрежи што би можела да биде корисна“, изјави Фанти за швајцарската телевизија РТС.
Во меѓувреме, обвинителството во Рим започна сопствена истрага за смртта на шест италијански државјани и нареди обдукција на нивните тела, што швајцарските власти не го направија пред репатријацијата. Оваа одлука ќе им овозможи на семејствата на жртвите да ја видат документацијата и да учествуваат во постапката. Обвинителствата во Брисел и Париз, исто така, започнаа свои истраги за смртта на нивните граѓани.
Вчера се појави информација дека надзорните камери наводно ја снимиле сопственичката Џесика Морети како го напушта запалениот клуб носејќи каса со пари во рацете.
Сведоците исто така рекоа дека сопственичката бегала со касата во рацете додека гостите биле зафатени од пламен. Затоа полицијата ги прегледува сите достапни снимки од клубот, секако вклучувајќи ги и оние од надзорните камери кои првенствено го покривале влезот во барот.
Според досегашните информации, Морети била во клубот со својот син од првиот брак, кој бил и раководител на персоналот, во времето на пожарот, а самата таа се здобила со изгореници на раката. Нејзиниот сопруг и ко-сопственик на клубот, Жак, во тоа време бил во друг бар.
Снимките од уличните камери наводно го покажуваат драматично различното однесување на мајката и синот. Додека младиот човек внатре се обидувал да ги скрши панелите од плексиглас на верандата за да ги ослободи заробените гости, таа се појавила на видеото за да истрча на улицата – со касата во рака.
Доколку се потврди автентичноста на снимката, овој детаљ би можел значително да ја влоши правната положба на сопственичката. Таа и нејзиниот сопруг, Жак, се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување повреда и предизвикување пожар, а сопственичката на барот сега би можела да се соочи и со обвинение за непружање помош.
Обвинителката, Беатрис Пилу, исто така размислува за зголемување на обвинението на можна умисла за двајцата осомничени. Неколку елементи укажуваат дека сопствениците биле свесни за огромниот ризик за гостите: од лесно запаливите материјали што се користат за таванот и затворените излези за итни случаи, до целосното отсуство на систем за противпожарна заштита и апарат за гаснење пожар.
