Над 2.000 летови откажани поради снежна бура во САД

Од:

Над 2.000 летови беа откажани или принудени на задржување денеска во североисточниот дел на САД и регионот на Големите езера, откако зимски невреме, придружено со мраз и снег, ја зафати областа за време на натоварениот период помеѓу Божиќ и Нова Година, објави CBS News.

До вчера наутро, во Њујорк наврнаа нешто помалку од три инчи снег – приближно половина од тоа што го предвидуваа некои метеоролози.

Од петокот досега во САД се откажани најмалку 2.700 воздушни превози, а илјадници други се соочија со одложувања, според податоците од веб-страницата за следење летови FlightAware. Меѓународните аеродроми Њуарк Либерти, Џон Ф. Кенеди и Ла Гуардија уште во петокот на социјалните мрежи информираа за опасноста од снежните врнежи, предупредувајќи дека временските услови можат да предизвикаат значителни нарушувања во возниот ред на авионите.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, прогласи вонредна состојба за повеќе од половина од државата пред налетот на бурата. Во телефонско интервју за CBS News, таа апелираше граѓаните во погодените подрачја да ги одложат своите патни планови.

Националната метеоролошка служба издаде предупредување за опасни услови за патување кои се протегаат од Големите езера, преку северниот Средноатлантски регион, па сè до јужна Нова Англија, со потенцијална можност за прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Повеќе од 13 милиони луѓе се под опфат на предупредувањата, додека уште 7,7 милиони очекуваат можно влошување на временската прогноза.

Најсериозните предупредувања се во сила за делови од централна Пенсилванија, државата Њујорк и териториите понасевер.

Би можело да ве интересира

Зеленски: Работиме на пет документи што треба да обезбедат мир во Украина

Москва: Договорот од самитот во Алјаска би можел да биде основа за решавање на украинскиот конфликт

Зеленски: Подготвен сум планот за мир да го ставам на референдум

Седум големи магацини во САД ќе се таканаречени центри за подготовка за депортација на 80.000 мигранти

Горан Наумовски

Медиуми: Русија бара измени во мировниот план на САД за Украина

(ВИДЕО) Дом за стари лица разнесен од експлозија – најмалку две жртви