Денеска, на 70-годишна возраст по кратко боледување почина една од најголемите фудбалски легенди на Македонија и на Вардар, Васил Рингов.
Денес не жалиме само за човек, туку за едно време на мерка, чест и достоинство. Има луѓе што не си заминуваат. Само се повлекуваат чекор наназад, за да нè гледаат од тишината. Васил Рингов беше од тие. Тивок, исправен, свој. Фудбалот за него не беше сцена, туку одговорност. Не зборуваше многу, ама кога зборуваше, имаше тежина. Кога работеше, оставаше белег, се вели во соопштението од ФФМ.
– Денес останува споменот за човек кој веруваше дека делото е поважно од зборот, а чесноста посилна од секој резултат. Како што велат, некои си одат, ама остануваат во игра. Почивај во мир, драг наш Васе, велат од ФФМ.
Рингов беше поранешен македонски и југословенски репрезентативец и една од најголемите легенди на ФК Вардар. Во црвено-црниот дрес одигра над 200 натпревари и постигна 93 погодоци, со што трајно се вгради во клупската историја. Во текот на кариерата настапуваше и за Партизан, Динамо Загреб и Ајнтрахт Брауншвајг, а во Македонија ги бранеше боите на Тетекс и Беласица, каде што и ја започна својата фудбалска приказна.
