Крај за дивеењето во сообраќајот: Возило ќе се одзема за брзини над 70 км/ч во населено место

Од:

Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесоа предлог-измени и дополнувања на Кривичниот законик со кои се предвидуваат значително построги санкции за најтешките сообраќајни прекршоци, меѓу кои и трајно и задолжително одземање на возилата на најопасните возачи.

Според предложените законски решенија, возилото ќе се одзема задолжително доколку сторителот управувал со брзина поголема за најмалку 70 километри на час во населено место или 90 километри на час надвор од населено место, при што истото важи само за лица кои и претходно биле правосилно осудувани за кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Одземањето ќе се применува и во случаи кога возачот управувал сопствено возило без право на управување.

Кога прекршокот е сторен со туѓо возило, одземањето ќе биде можно само ако се утврди дека сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето кое управува нема право да вози.

Новина во предложените измени е и значително проширување на санкциите за забрана за управување со моторно возило. Судот ќе може да изрече задолжителна забрана во траење од шест месеци до 10 години, како и престанок на важењето на возачката дозвола за одредена категорија од една до 10 години, период во кој сторителот нема да може повторно да стекне дозвола од истата категорија. Досегашното законско ограничување изнесуваше најмногу пет години.

Со измените се предвидува и затворска казна од три месеци до три години или парична казна за секој што со безобѕирно управување ќе го загрози јавниот сообраќај. Под ова се опфатени случаи на возење со концентрација на алкохол над 1,5 промили, управување под дејство на дроги или психотропни супстанции, возење во спротивна насока, опасно претекнување, како и екстремно пречекорување на дозволената брзина.

Истите казни ќе важат и за организаторите и учесниците во нелегални улични трки, како и за лица кои управуваат моторно возило без положен возачки испит или без важечка возачка дозвола.

Во образложението на предлог-законот се наведува дека измените произлегуваат од зголемениот број тешки сообраќајни несреќи и жртви во изминатиот период, а како примери за добри практики се посочуваат законските решенија во Словенија и Австрија.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека измените се дел од поширок пакет мерки поврзани со проектот „Сејф сити“, чија цел е зголемување на контролата во сообраќајот, санкционирање на најопасните возачи и значително подобрување на безбедноста на патиштата.

Би можело да ве интересира

Србинка е уапсена во Црна Гора – возеше 202 км на час

А1он

Лишен од слобода пијан возач поради „безобѕирно управување со моторно возило“

Приведен возач од Крива Паланка, управувал возило со брзина од 142 км на час на место каде е дозволено 70 км на час

Гостиварец „летал“ со 173 километри на час, од МВР заработи кривична

Откриен предизвикувач на тешка сообраќајна несреќа во Скопје, за половина час сторил три кривични дела

Санкционирани 177 возачи од кои 37 за брзо возење во Скопје