Инспекторатот на Град Скопје денеска започна обемна акција која треба да стави крај на долгогодишниот хаос во нелегалниот превоз.
Нерегистрирани такси-возила, комбиња и автобуси со години работат работеа без лиценца, без контрола и надвор од законските прописи, создавајќи небезбедни услови за патниците и нелојална конкуренција во јавниот превоз.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски истакна дека постепеното отстранување на дивите превозници беше ветено уште за време на неговата кандидатура, а со оваа акција тој го испорачува ветеното.
Новите мерки предвидуваат одземање на возилата кои работат нелегално на период од шест месеци, како и изрекување парични казни преку платни налози.
Ваквиот потег има за цел да испрати јасна порака дека нерегуларностите и безредната практика повеќе нема да се толерираат.
Од Град Скопје појаснуваат дека овие активности не се насочени кон казнување по секоја цена, туку кон воспоставување фер и здрав систем каде секој превозник работи легално и во интерес на граѓаните.
