Нашиот национален тим е веќе во главниот град на Ирска, каде во недела навечер ќе игра против репрезентацијата на оваа островска држава.
Нашите најдобри кошаркари ги оставија зад себе случувањата на првиот натпревар од претквалификациите за Евробаскетот 2029 против Азербејџан, одигран во Скопје, во кој бевме убедливо подобри и славевме висока победа (87:49).
А преку Истанбул, вечерва сениорската репрезентација на Македонија дојде во Даблин каде за неколку дена, поточно во недела навечер, ќе го одигра вториот меч од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, кое ќе се одри во четири држави, Естонија, Словенија, Шпанија и Грција.
Стручниот штаб на нашата селекција, предводен од селекторот Марјан Илиевски се одлучи до почетокот на дуелот со селекцијата на Ирска, да бидат одработени три тренинзи.
Првиот, утре изутрина, од девет часот, во „Националнатаа баскет Арена“ во Даблин. „Црвено-жолтите“ ќе тренираат и попладнето, поточно во периодот од 18. до 19.30 часот, на теренот на кој е оној „главен настан“, мечот од второто коло од групата „А“, против домашната репрезентација.
Планиран е и уште еден, едночасовен утрински, тренинг (од 9. до 10. часот), на денот на одигрување на натпреварот, кој е закажан за 30. ноември, од 18.часот.
