Ние како држава остануваме посветени на спроведувањето на своите меѓународни обврски и ќе продолжиме да бидеме конструктивен и предвидлив партнер во регионот, но прашањата за македонскиот јазик и идентитет и достоинството на нашиот народ не се и не можат да бидат предмет на преговори, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во обраќањето на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, што започна попладнево во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур.
– Кога прашањата за јазикот, идентитетот или националните наративи се претвораат во формални услови во рамките на пристапниот процес, штетата оди подалеку од едно билатерално досие. Тоа го поместува процесот подалеку од јасните правни критериуми во област каде што ниту една земја кандидат не може да се чувствува безбедно. Тоа создава преседан што другите ќе бидат во искушение да го повторат и испраќа порака до нашата јавност дека може да се преговара за тоа „кои сме ние“. За нас, македонскиот јазик, македонскиот идентитет и достоинството на нашиот народ не се и не можат да бидат точки на преговарачката маса, рече Муцунски.
Според него, може да се преговара за владеење на правото, за стандарди, политики и за функционирање на институциите и ако ја задржиме оваа јасна динстинкција, ќе го заштитиме и процесот на проширување и почитувањето на нашите општества.
– Да се биде добар сосед значи и да се биде искрен еден со друг. Континуираното блокирање на следните чекори во нашиот пристапен процес од страна на Бугарија, не ѝ штети само на нашата нација. Тоа го ослабува стратешкиот кредибилитет на проширувањето во целиот регион и на долг рок не им служи ниту на интересите на Бугарија. Стабилен и просперитетен сосед ориентиран кон ЕУ на западната граница на Бугарија е предност, а не закана, рече Муцунски.
Според него, македонските и бугарските граѓани бараат олеснувања во преминувањето на границата, во трговијата, соработката и студирањето и затоа во меѓусебните односи треба да се користи логиката со инвестирањето во Коридорот 8, кое покажа дека двете земји може да соработуваме кога избираат конкретни проекти, наместо апстрактни спорови и кога градат патишта, железници и енергетски врски наместо нови поплаки.
– Сакаме односи со Бугарија кои се дефинирани со споделени можности, а не со трајна блокада. Ќе продолжиме да ги почитуваме нашите меѓународни договори и сме подготвени да ја продлабочиме соработката секаде каде што таа носи опипливи придобивки за нашите граѓани во поврзувањето, енергетиката, образованието, културата и разни други прекугранични проекти, додаде Муцунски.
Тој потенцира дека нашето општество не е евроскептично и нашите граѓани веруваат во европскиот проект, во владеењето на правото, во човековото достоинство и во пазарната економија.
– Сомнежите кои почнаа да се појавуваат, не се околу идејата за Европа, туку за темпото и предвидливоста на процесот. Во опасност сме да станеме не евроскептици, туку европесимисти. Општество кое верува во Европската Унија, но не е секогаш убедено дека вратата е навистина отворена, изјави шефор на македонската дипломатија
Според него, одговорност и на македонските институции и на ЕУ е да се надмине овој песимизам и да се покаже дека има и добри работи.
