„Лукоил“ ја продава меѓународната мрежа – компанијата во Македонија има 40 бензински пумпи

Од:

Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ денеска објави дека ја прифатил понудата на трговецот со енергија „Гунвор груп“ за купување на неговата меѓународна подружница „Лукоил Интернешнл“, се наведува во соопштението на компанијата.

Од компанијата потсетуваат дека и „Лукоил“ и нејзините меѓународни филијали се под санкции поради руската инвазија врз Украина, и дека клучните услови на трансакцијата се веќе претходно договорени. Со прифаќањето на понудата, „Лукоил“ се обврзал да не преговара со други потенцијални купувачи.

Во соопштението се додава дека склучувањето на обврзувачкиот договор зависи од одобрување од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при американското Министерство за финансии, како и од други регулаторни тела во различни јурисдикции.

„Доколку е потребно, страните ќе аплицираат за продолжување на постојната лиценца на OFAC и дополнителни дозволи за да се обезбеди непречено функционирање и банкарско сервисирање на меѓународните подружници до завршувањето на трансакцијата,“ се наведува во соопштението.

„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија. Компанијата има удели во проекти за развој на нафтени полиња во Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Ирак, Египет и Обединетите Арапски Емирати, како и во Латинска Америка и Западна и Централна Африка.

Таа поседува рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, како и мрежа на бензински пумпи во Европската унија. Во Македонија, „Лукоил“ располага со 40 бензински пумпи.

Компанијата е во сопственост на бизнисменот Вагит Алекперов, кој поседува околу 28 отсто од акциите (според податоците од 2021 година). Алекперов се наоѓа на врвот на листата на руски милијардери, со нето-вредност од 28,7 милијарди долари.

Би можело да ве интересира

Жељазков: Имаме еден месец да одлучиме за иднината на рафинеријата Лукоил